Шар Планина
Од Википедија, слободна енциклопедија
Шар Планина (Шара) е еден од најголемите и највисоките планински масиви во Македонија. Неговата должина изнесува 80 km, а широчината од 10 до 25 km. Пространото планинско било го сочинуваат две големи и пространи висорамнини - Враца и Рудока. На билата се издигнуваат повеќе врвови повисоки од 2000 метри, а од нив најпознати се Титов Врв, висок 2747 m, кој е највисок врв на Шара и втор по височина во Македонија, потоа Бориславец, висок 2662 m, Езерска Чука (2604 m), Црн Врв (2578 m), Баба Асаница (2533 m), Љуботен (2498 m) и др.
Шар Планина настанала за време на алпиското набирање во текот на терциерот. Во геолошката градба на планината преовладуваат палеозојски шкрилци, варовници и доломити. За време на дилувиумот таа била зафатена со активна глацијација, така што во нејзиниот релјеф денес се среќаваат повеќе циркови, валови и моренски материјал. Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 планински езера, 100 поголеми извори, изворишта на 20 поголеми планински реки (Пена, Маздрача, Лешочка Река, Ракита (позната и како Вратничка река; составена од Ливадичка и Љуботенска река), Беловишка река, Бистрица,...), потоа богата е со шуми, пасишта итн.
На Шар Планина се развиени зимскиот и летниот туризам, за што придонесуваат голем број атрактивни локалитети, како Попова Шапка, Лешница, Јелак, Маздрача, Три Води, Љуботен и др.