Јован Котески
Од Википедија, слободна енциклопедија
Јован Котески (1932-2001) е македонски поет кој припаѓа на третата генерација македонски автори. Роден е на 14 јануари 1932 година во селото Присовјани, Струшко, како четврто од петте деца на Петкана и Васил Котески. Во Скопје студира книжевност. Работи како новинар во Радио Скопје.
[уреди] Апсење
На 2 септември 1985 година Котески е уапсен и осуден на 5-годишна робија. Обвинението го терети за илегално работење на уривањето на Југословенската Федерација и за создавање независна македонска држава. Припаѓа на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешна Југославија. Во 1986 година за неговата судбина се интересира американскиот поет, Ален Гинзберг (таа година добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата) како тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите на Светскиот ПЕН центар. За неговото ослободување е најзаслужен тогашниот потпретседател на Светскиот ПЕН центар и претседател на Хрватскиот ПЕН клуб, Предраг Матвеевиќ. Со писма до Окружниот суд во Скопје и до Сојузниот суд на Југославија во Белград, тој успева да издејствува преиспитување на пресудата за Котески и негово ослободување од затвор во јули 1987.
Во 1989 година, Котески се вработува во библиотеката „Другарче“, каде останува да работи се’ до пензионирањето. Последната деценија од животот ја поминува во релативна изолација во својот дом во Скопје. Во 2000 година излегува тротомен избор од неговата поезија на македонски јазик. Умира на 12 јули 2001 во Скопје.
[уреди] Дела
Ги објавил збирките песни:
- „Земја и страст“ (1958),
- „Насмевка пред зорите“ (1958),
- „Злодоба“ (1963),
- „Тежина“ (1965),
- „Пеплосија“ (1966),
- „Сенки“ (1972),
- „Зелени порти“ (1975),
- „Хераклеја“ (1978),
- „Поморија“ (1981),
- „Бденија и сновиденија“ (1982),
- „Полилеј“ (1983),
- „Плодови“ (1985),
- „Тапија“ (1985),
- „Живожарица“ (1990),
- „Сончева белегија“ (1990),
- „Морници“ (1991),
- „Глувчето со двоглед“ (поезија за деца, 1991),
- „Ралица“ (1992),
- „Злодоба“ (1992),
- „Лелејка“ (1994),
- „Самотија“ (1994),
- „Празник“ (библиофилско издание во ракопис, 1995),
- „Трагач“ (поема, 1995),
- „Решетки“ (1996),
- „Приќе“ (1997),
- „Одрон“ (1998),
- „Разор“ (1999),
- „Кртечина“ (2000).