Еволуција
Од Википедија, слободна енциклопедија

Во биологијата, еволуцијата е промена на карактеристиките на живите организми преку генерациите. Вообичаената дефиниција на зборот во популарната наука ја опфаќа и појавата на нови видови, исто така како производ на еволуцијата. Од развојот на модерната генетика во 40тите, еволуцијата е дефинирана поспецифично како промена на фреквенцијата на алелите (алтернативни форми на истиот ген) во една популација од една генерација до следната. Во другите полиња терминот еволуција се користи во поширока смисла, за да означи било каков процес на промена во текот на времето.
Една од првите кохерентни теории за биолошка еволуција се предложени во раниот 19 век од Жан-Батист Ламарк, но неговата теорија не била пошироко прифатена. Со објавувањето на заедничкиот труд на Чарлс Дарвин и Алфред Расел Волис во 1858, следена од Дарвиновата книга Потеклото на видовите во 1859, теоријата на еволуцијата преку природна селекција станала цврсто етаблирана во рамките на научната заедница и набрзо за неа се пројавил интерес и во пошироката јавност. Во 30тите, поголем број на научници ја комбинираат Дарвиновата теорија за природна селекција со повторно откриената теорија на наследност предложена од Грегор Мендел, при што ја создаваат модерната еволуциска синтеза. Во модерната синтеза, "еволуцијата" означува промена во фреквенцијата на алелите во една популација од една генерација до следната. Оваа промена може да биде предизвикана од повеќе различни механизми: природна селекција, генетски дрифт или промени во популациската структура преку генетски тек.
Во обичниот говор зборот "еволуција" често се користи означување на модерната синтеза на еволуцијата, вклучувајќи ја и теоријата дека сите различни видови имаат еден заеднички предок. Исто така, зборот се користи за да се опишат механизмите што дејстуваат при промената на населението.