Египетска литература
Од Википедија, слободна енциклопедија
![]() Историја на литературата |
---|
Арапска литература Грчка литература Египетска литература Индиска литература Јапонска литература Кинеска литература Персиска литература Римска литература Тамилска литература |
Под египетска литература се подразбира литературата создавана на територијата на античкиот и денешен Египет. Токму поради овој факт, египетската литература е поделена на стара египетска и модерна египетска литература.
[уреди] Стара египетска литература
Од времето на најстарите династии до сега се пронајдени само неколку текстови: песни на работниците, песни врежани на круните на египетските фараони, натписи на гробниците (на кои е опишан животот на умрениот) и т.н. текстови од пирамидите. Едно од најзначајните дела на овој период е Поуките на Птахотепите, морално-политички совети на еден старец наменети за неговиот син.
Од 2720-2000 п.н.е., кога апсолутната власт на фараоните слабее, а земјата ја потресуваат општествени немири, песништвото и останатата литература силно се развиваат и се среќаваат прозни дела: Поуките на Мерикар, Поуките на Дуауф, Селанската жалба, како и едно дело во облик на дијалог, кое содржи и четири песни: Расправа од животот на уморниот човек и неговата душа.
Од средното царство (2000-1780 п.н.е.) останати се Приказните на Синух и Приказна за бродоломот, главно автобиографски приказни. Забележани се и многу пастирски приказни и бајки. Од поетските дела се познати песните на кралот Сесотриса III и една химна посветена на Нил.
Од новото царство (1580-1110 п.н.е.), кога египетската власт под моќните владетели се проширила на околните земји, е пронајден релативно мал број на текстови: извештаи за ослободувањето од наездата на Хиксите, вести и јуначки песни за подвизите и делата на фараонот Тутмосис III. Освен повели и стихови за династијата, не се сочувани историски дела во права смисла; дури во елинистичкото време се појавува египетскиот историчар Мането. Големиот религиозен реформатор Аменофис IV (Ахенатон) ја препородил и уметноста. Од него е сочувана една од најубавите песни на стар Египет Химната на Сонцето, а покрај неа се пронајдени и пет збирки со љубовни песни, кои по сè изгледа влијаеле на библиската Песна над песните. Пронајдена е и епска поема за битката кај Кадеш, како и прозното дело Патувањето на Ун-Амон.
Од времето на Птоломеј, покрај магични текстови, ја имаме и приказната за синот на Рамзес II. По овој период, египетската литература прераснува во коптска литература.
[уреди] Модерна египетска литература
Во новата египетска литература, која со векови била дел од арапската, во почетокот на XVIII век била исчезната арапската лирика. Неа ја оживеал Сами ал Баруди (1839-1904), имајќи ги за урнек старите поетски облици, полни со носталгија, со мотиви на старата историја на исламот. Тој пее за љубовта и виното, а многу му биле успешни и елегиите и описите на природата. Дворскиот поет Ахмед Шавки (1868-1932) отпеал со многу реторика настани од современата египетска историја. На него влијаеле старите касиди и неговите поеми немаат целина, а по својата структура остануваат неповрзани. Вистинската поезија ја среќаваме дури во неговите описи на природата, а љубовната поезија му е извештачена.
Покрај оваа традиционална поезија, во почетокот на XX век се развила една нова лирско-дидактичка поезија, во која се изразени искрени чувства и преживеани случки. Оваа поезија настанала под влијание на француската и англиската лирика, која во Египет често ја преведувале и преработувале. Меѓутоа, поетите сепак се задржале на една својствена египетска специфика: се спротивставуваат на европската материјална цивилизација. Поетскиот јазик притоа е прочистен и класичен, но темите се земени од модерниот живот на Египет. Главни претставници на таа лирика се ал-Шукри и ал-Акад.
Наспроти поетите, прозаистите немале никакви урнеци и традиции кога ја создавале народната литература, но сепак може да се рече дека современата египетска проза го носи печатот на оригиналните стремежи и да во извесна мерка достигнала полна уметничка зрелост. Особено голем успех имал историскиот роман. Главен претставник на овој литературен род е Џирџи Зејдан (1861-1914). Темите за историските романи тој ги црпел од златниот период на египетската историја, па се до Саладин. Делата му се одликуваат со живописни описи на настаните и сиѕуациите, додека карактерите се послабо изразени и обработени.
Покрај историскиот роман стои и реалистичниот современ роман кој главно го обработува мотивот од градскиот живот на Каиро. Меѓутоа, и животот на село е честа тема во египетскиот модерен роман. Најпознат роман од овој вид е Зејнеба на Мухамед Хусејн Хејкал (1888-1957). Инаку, добар дел од египетските романи имаат главно забавен карактер.
Одличен новелист е Махмуд Тајмур (1894-?), кој во својот почеток започнал со аналитичкиот реализам на Пол Бурже во своите збирки на приповеди. Тој барал нови патишта во египетската проза и дал психолошка анализа на обичниот египетски човек. Други истакнати есеисти и критичари се ал-Манфалути (1876-1924), Хусејн Хејкал, Мансур Фахми и поетот ал-Акад.
Драмските обиди од 1920 па натаму сè уште не го нашле вистинскиот израз, освен во драмите на Тевфик ал-Хакима, кои во поголем дел се базирани на легенди. Модерната научно-литературна критика има одличен претставник во Тахи Хусејн, чии дела за предисламската, исламската и арапската поезија се доста познати во светот.