Земјина кора
Од Википедија, слободна енциклопедија
Земјината кора е надворешниот слој на Земјата кој се наоѓа над Мохо дисконтинуитетот. Постојат два главни типови на земјина кора, во зависност од минералниот и хемискиот состав и од начинот на создавање (односно појавѕвање): континентална, дебела до 80 km и океанска кора, со дебелина од 2 до 12 km.
Кората претставува единствена карактеристика на Земјата. Ниедна друга планета од Сончевиот систем нема идентична или слична кора со Земјината. Најстари, а воедно и зачувани фрагменти на континенталната кора (главно изградени од гнајсеви), имаат старост од околу 3,8 до 3,9 милијарди години.
[уреди] Океанска кора
Океанската кора е со воедначен состав. Геофизичките, петролошките и геохемиските проучувања покажуваат дека таа има слоевита градба. Под океанската кора се наоѓаат тектонски перидотити, односно највисоките делови од обвивката.
Податоците добиени од дупнатината во источниот дел на Тихиот Океан, длабока 1350 m, укажуваат на слоевитоста на океанската кора. Оваа дупнатина започнува со седименти дебели 300 m, а потоа, со дебелина од 800 m продолжува со бречирана пилоу лава. Дупнатината завршува со пакет на дијабазни дајкови со дебелина од 300 m.
Главни фактори што ја регулираат дебелината на океанската кора се температурата на горната обвивка под океанските рифтови и брзината на раздвојувањето. Поголемата температура дава поголем степен на делумно топење и распространување на стопената магма, со што кората станува подебела.
[уреди] Континентална кора
Земјата е единствената планета од Сончевиот систем со континентална кора. Примарни фактори за создавање на континенталната кора се значителните количества на вода на Земјата, како и тектониката на плочите. Со механизмот на растење на континентите се објаснува поголемата дебелина на континенталната кора од онаа на океанската. И тука причинители на растењето на континентите се новите количества растопена магма.
Континенталната кора е составена од два слоја, со различна густина и состав. Горниот слој е со помала густина и го градат околу 90% магматски (кисели) и метаморфни (гнајсеви) и околу 10% седиментни карпи (главно песочници и варовници). Долниот слој е со поголема густина, изграден од високо метаморфозирани и дехидратизирани карпи со кисел и базен состав. Границата помеѓу овие два слоја се нарекува Конрадов дисконтинуитет.
Според геолошките и геофизичките карактеристики, континенталната кора може да се подели на континентални прекамбриски штитови и континентални платформи, заедно наречени кратони.