Лимфен систем
Од Википедија, слободна енциклопедија
Лимфниот систем е вториот циркулаторен систем на ‘рбетниците, покрај крвоносниот. За разлика од него, лимфниот систем е од отворен тип. Овој органски систем има дренажна улога, односно тој ја враќа крвната плазма која не се вратила во крвните садови при процесот на размена на материите во клетките. Освен тоа, лимфниот систем е главен транспортер на поголемиот дел од масните материи кои се ресорбираат во тенкото црево. Тој е најдобро развиен кај цицачите.
Лимфниот систем се состои од лимфни садови кои се формираат по принцип на собирање, лимфни јазли и лимфоидни органи низ кои постојано циркулира лимфата. Лимфата е друго име за крвната плазма кога таа ќе навлезе во лимфните садови. Лимфните капилари и вени (лимфни садови) ги има скоро во сите ткива и органи во кои има и крвни садови. Лимфниот систем започнува со лимфни капилари, слични на крвните капилари, кои се разликуваат само по тоа што започнуваат слепо во ткивата и што имаат поголем дијаметар. На лимфните капилари се надоврзуваат лимфни вени, за да на крај најголемите садови се сведат на два до четири, кои се вливаат во крвоносните вени, на тој начин враќајќи ја лимфата во крвта и срцето.
[уреди] Движење на лимфата во лимфниот систем
Лимфата се движи низ лимфниот систем благодарејќи на пасивните контракции на лимфните садови, како и под дејство на контракциите на мускулатурата и притисокот на соседните органи.
Освен кај цицачите, кај сите останати ‘рбетници во лимфните садови постојат пулсативни мускуловидни проширувања кои исто така предизвикуваат циркулација на лимфата. Поради ова, тие се наречени лимфни срца, а се сместени во различни места на организмот, но најчесто на местата каде лимфните садови се вливаат во вените
[уреди] Лимфни јазли
Во лимфниот систем, наместа се наоѓаат и жлездовидни сферични или овални проширувања наречени лимфни јазли. Тоа се групи од лимфни фоликули (меурчиња), опкружени со мрежа од сврзно ткиво. Во нив се образуваат леукоцити и лимфоцити. Тие се и своевидни механички и биолошки филтри во кои се врши филтрација и фагоцитоза на микроорганизмите и туѓите честички што продреле во лимфните садови.
Кај човекот, јазлите најмногу се наоѓаат на вратот, под пазувите, во градниот кош, во мезентерата на тенкото црево, како и на други места.
[уреди] Лимфоидни органи
Во лимфниот систем се вбројуваат и неколку специјализирани лимфоидни органи: слезинката, градната жлезда (тимус) и крајниците.
Со групирање на лимфните јазли во слузницата на голтникот кај човекот и сите цицачи настанале крајниците (тонзили). Градната жлезда е скоро парен и издолжен орган, кој кај повеќето ‘рбетници е сместен по страните на вратот, а кај цицачите се наоѓа зад градната коска, поради што и е наречена градна жлезда. Таа е најважен лимфоиден орган што игра голема имунолошка улога. Слезинката (лиен) е голем лимфоиден орган сместен во стомачната празнина. Има повеќе функции: формирање на леукоцити, а разорување на старите еритроцити, неутрализација на штетните продукти при различни заболувања и фагоцитоза на различни микроорганизми.