Пирамиди во Гиза
Од Википедија, слободна енциклопедија
Трите пирамиди кои се наоѓаат во Египет, во тогашниот град Гиза, денес во самото предградие на Каиро се единствените досега сочувани светски чуда.
Пирамидите во Гиза се единствени до сега сочувани од седумте светски чуда. Само големата Кеопсова пирамида е дел од светското чудо (не и двете помали пирамиди покрај неа), која е изградена по налог на фараонот Куфу или Кеопс (како што Грците го викале) владетел на четвртата династија во 2560 п.н.е. како негова гробница.
Пирамидата во почетокот била висока 145,75m, но со текот на годините врвот е срушен и е намален за околу 10m. Аглите на сраните кон основата изнесуваат 51°51‘. Секоја страна од пирамидата е прецизно ориентирана кон четирите страни на светот. Должината на страните во основата на пирамидата се 229m. Целата градба се состои од приближно 2.300.000 камени блокови од кој секој блок тежи повеќе од 2t. Истите се носени со чамци од каменоломот од левата страна на реката Нил и тоа само во пролет кога реката се излевала. Се верува дека целата градба траела цели 20 години и ја граделе 100.000 луѓе.
На северната страна е влезот во внатрешноста кој води низ ходници, пролази, галерии, па сè до кралската гробница која е во средината на самата пирамида и е изработена од црвен гранит со неверојатна прецизност на блоковите. Саркофагот е изработен од истиот гранит и со истата прецизност и е само 1cm потесен од влезот во гробницата.
За да ја разбереме големината на Кеопсовата пирамидата, просторот е голем како катедралата Св. Петар во Рим и катедралите во Милано и Лондон заедно. Со каменот со кој што е изградена може да се обиколи цела Франција со ѕид висок 3m и широк 30cm.