Јаглероден циклус
Од Википедија, слободна енциклопедија
Јаглероден циклус е поим со кој се означува кружењето на јаглеродот во природата, односно биогеохемискиот циклус на јаглеродот. Сите органски соединенија, како и целокупниот живот на Земјата се засноваат на соединенијата на јаглеродот. Основната форма на јаглеродот со која започнува и со која завршува јаглеродниот циклус е јаглеродниот диоксид. Значи, основниот ,,резервоар" на јаглеродот е гасот CO2. Количеството јаглероден диоксид во воздухот секогаш останува исто, бидејќи тој се враќа во него со истата брзина со која растенијата го врзуваат (земаат).
[уреди] Тек на јаглеродниот циклус
Растенијата го внесуваат јаглеродниот диоксид од воздухот и го користат за создавање храна по пат на фотосинтеза. Потоа тој протекува низ синџирите на исхрана - хербиворите го обезбедуваат јаглеродот со јадење растенија, додека карниворите со јадење на хербиворите. Сите овие организми при процесот на дишење го ослободуваат јаглеродниот диоксид повторно во атмосферата. Исто така, при дишењето на бактериите и габите се ослободува јаглероден диоксид од разложувањето на телата на мртвите организми.
Дрвото, јагленот, природниот гас и бензинот содржат јаглерод. Кога тие горат, јаглеродот се соединува со кислородот и се создава јаглероден диоксид, којшто оди во атмосферата и се вклучува во јаглеродниот циклус.