Астрологија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Астрологија (грч. αστρολογία - наука за ѕвездите) се занимава со проучување на движењето и положбата на небеските тела и нивното влијание врз Земјата, на човековата личност и судбина. Луѓето кои се занимаваат со астрологија се нарекуваат астролози. Најпознат термин, а воедно и најбитен кај астрологијата е астролошката карта, попозната како хороскоп. Хороскопот се прави според точно определено време и положба на Земјата, а неговото толкување се базира на синтеза од 4 основни елементи.
Тоа се:
- Планетите - десет небески тела: Две светли (Сонце и месечина) и осум планети: (Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун, Плутон)
- Хороскопски знаци - дванаесет знаци: Овен, Бик, Близнаци, Рак, Лав, Девица, Вага, Скорпија, Стрелец, Јарец, Водолија, Риби
- Астролошки куќи - дванаесет куќи што ги преставуваат различните подрачја од животот
- Аспекти - оддалеченоста на планетите.
Важно е да се напомене дека не треба да се мешаат поимите астрономија и астрологија.
[уреди] Поделба на астролошките знаци
Како што е познато, постојат дванаест астролошки знаци и се распоредени во следниот редослед: Овен, Бик, Близнаци, Рак, Лав, Девица, Вага, Скорпија, Стрелец, Јарец, Водолија, Риби. Тие понатаму се делат на две групи: по квалитет и елемент.
По квалитет, астролошките знаци се делат на:
- кардинални: Овен, Рак, Вага и Јарец
- фиксни: Бик, Лав, Шкорпион и Водолија
- променливи: Близнаци, Стрелец, Девица и Риби.
По елемент, знаците се делат на:
- оган: Овен, Лав и Стрелец
- вода: Рак, Шкорпион и Риби
- земја: Бик, Девица и Јарец
- воздух: Близнаци, Вага и Водолија.
[уреди] Поделба на астрологијата според субјектот и начинот на изучување
Хорарна астрологија - дава одговор на конкретно прашање. Астролошката карта се изработува според времето и местото во коешто е поставено прашањето на астрологот. Едноставна и практична е бидејќи се толкува само оној дел од астролошката карта, што е опфатен од прашањето.
Натална астрологија - се занимава со делови од животот на поединецот, како што се психолошката структура, карактер, наследни особини, физичка конституција и кондиција, односите со околината, со луѓето и ситуациите кои ни ги носи животот. Наталната карта се изработува според времето (дата, час и минута) како и место на раѓање. Картата е основа за сите наредни предвидувања, синастриски карти итн.
Синастрија или паралелна астрологија - ова е гранка на астрологијата што се занимава со односите помеѓу две лица на основа на нивните натални карти, при што се обраќа внимание дали двата знака си одговараат по елемент и квалитет, меѓусебните планетарни односи, влијанието на планетите на астролошката куќа итн.
Манданска астрологија - се анализираат и прогнозираат сите случувања внатре во државата и народот, од политички, војни, економски, па сѐ до природните непогоди и катастрофи. Овој хороскоп се изработува врз база на времето кога се случил или почнал да се случува настанот. На пример, хороскопна држава се изработува спрема времето и местото на прогласување на независност, воспоставување на нов режим и слично.
[уреди] Модерна астрологија
Модерната астрологија се дели на:
- Индиска астрологија
- Западна астрологија
- Кинеска астрологија
Од историски аспект се познати многу астрологии што денес веќе не се употребуваат. Такви се: арапска или персиска астрологија, вавилонска астрологија, египетска астрологија, грчка астрологија и маиска астрологија.