Милано
Од Википедија, слободна енциклопедија
Милано (италијански: Milano, од латински јазик|латинскиот назив Mediolanum ; ломбардски: Milán) е еден од најголемите градови на Италија и се смета за главен град на северна Италија. Лоциран е во рамнината Ломбардија, во близина на реката По. Потесниот град (Comune di Milano) има околу 1,308,500 жители (2004). Населението на урбаната зона околу градот (La Grande Milano), што е всушност јадрото на Ломбардија, е проценето на 4,280,820 жители. Милано е еден од најразвиените урбани центри во Европа.
Општинските граници опфаќаат релативно мала површина, околу една осмина на таа од Рим поради тоа што урбаните центри во земјоделската Ломбардија, историски, имаат висока густина на населеност. Градската агломерација околу Милано вклучува и некои швајцарски територии во јужниот кантон Тичино: ова не значи и административно единство.
Милано е седиште на италијанската берза како и на многу меѓунардни организации. Исто така, Милано е глобален град, и индустриски, стопански, финансиски и универзитетски центар на Италија.
Срцето на градот е огромната катедрала во неоготски стил - "Дуомо", која станала светски позната од филмот на Федерико Фелини "Чудото во Милано". Изградбата и започнува во 1386, а завршува во 1820 година, висока 108 метри, а долга е 158 метри. Во непосредна близина на "Дуомо" е и замокот "Сфорца", започнат во 1368 со намена да го заштитува градот. Во моментот таму има галерија на науката. Милано е познат и по Ла Скала - еден од најпознатите оперски театри. Во црквата "Santa Maria delle Grazie" во Милано се наоѓа и Тајната вечера на Леонардо да Винчи.
Милано е познат како еден од главните градови на модата заедно со Њујорк и Париз. Ломбардската метропола е позната по модните куќи и продавници (како, на пример, оние на виа Монтенаполеоне) и Галерија Виторио Емануеле на Пјаца Дуомо, која е изградена во форма на крст со застаклени тавани, и има репутација на најстар трговски центар во светот. Познат милански производ е и традиционалниот божиќен колач, наречен Панетоне. Во Милано се наоѓа автомобилскиот производител Алфа Ромео и познатата индустрија за свила. Од Милано се и двата познати европски фудбалски клубови Милан и Интер. Градот бил домаќин на најразлични настани од светско значење, меѓу кои Светската Изложба во 1906, Светското Првенство во Фудбал во 1934 и 1990, Европското Првенство во Фудбал во 1980, и е кандидат за Expo 2015.