Нередска Планина
Од Википедија, слободна енциклопедија
Нередска Планина (на грчки Варнудас или Вици, според нејзиниот највисок врв Вич) е планина во западниот дел на Егејска Македонија, односно крајниот северо-западен дел на денешна Грција. Има меридијански правец на протегање север - југ, а кон крајот на својот масив скршнува на југо-исток. Нередска Планина ја оградува Пелагонија (Леринското поле) од западната и југо-западната страна и таа се надоврзува на Баба Планина преку превојот Вигла. Сместена е југо-западно од градот Лерин и низ нејзе поминува локален пат кој води кон грчко - албанската граница и областа Преспа. Највисок врв е врвот Вич со 2128 метри надморска височина.
Планината има изобилство од високотревни пасишта, а во подножјето се застапени листопадни шуми (бука, даб, костен идр.) додека кон врвовите се застапени зимзелените шуми.
[уреди] Историја
На падините на Нередската Планина се одвивале голем број историски настани од кои најпознати се битките за време на Граѓанската војна во Грција (1945-1949). Како доста тешко пристапен терен Нередската Планина долго време служела како упориште на КПГ,ДАГ и НОФ и била слободна територија, пред се и поради помошта на селаните околните села кои биле целосно населени со Македонци. Во почетокот на воените дејствија на Нередската Планина се стационирале голем број на војници на демократските сили, а тука биле одржани и неколку пленуми и советувања на КПГ. Кон крајот на војната на врвот Вич се одиграла една од најголемите и најкрвавите битки за време на Граѓанската војна во Грција.
[уреди] Население и населени места
Од двете страни на падините на Нередска Планина се сместени повеќе села од кои најпознати се Неред (грч. Полипотамон), Ерменско (грч. Алона) (на источната страна), Вишени (грч. Висинеа) (на западната страна) и др. Етничкиот состав на селата е драстично променет особено по завршетокот на Граѓанската војна, кога грчките монархо-фашистички сили поради бесот заради помошта што им ја даде локалното македонско население на КПГ, ДАГ и демократските сили врз него изврши масовни ѕверски убиства, протерувања и етнички чистења. Денес населението на овие села главно го сочинуваат Грци и Власи, а во мал дел се останати и Македонци.