Цитоплазма
Од Википедија, слободна енциклопедија
Цитоплазмата ја претставува основната маса на протоплазмата, односно под цитоплазма се подразбира целиот жив материјал на една клетка, но без јадрото.
Набљудувана под светлински микроскоп со помало зголемување, таа изгледа како еднородна (хомогена) маса, меѓутоа при поголемо зголемување во неа лесно може да се разликува една хомогена стаклеста маса наречена хијалоплазма (или цитоплазматичен матрикс) и во неа се распрскани ситни грануларни (зрнести) структури - цитозоми.
Надворешниот слој на цитоплазмата (ектоплазма) обично е погуст и завршува со плазмалема. Меѓутоа, сличен слој се гледа и на внатрешната површина на цитоплазмата, кон вакуолата, кој е наречен тонопласт.
Електронско-микроскопските проучувања покажаа дека цитоплазмата претставува сложено организирана клеточна компонента, во чиј состав влегуваат хијалоплазма и цитоплазматични органели.