Алкохолен пијалок
Од Википедија, слободна енциклопедија
Алкохолен пијалок е пијалок кој содржи етанол. Етанолот е дрога и депресант. Иако алкохолот е легална дрога во повеќето делови на светот, многу општества ја регулираат или ја ограничуваат неговата продажба и употреба.
[уреди] Хемија
Главна статија: Етанол
Етанолот (CH3CH2OH), активната состојка во алкохолните пијалаци, се создава скоро секогаш со помош на ферментација - метаболизмот на јаглехидратите на посебни типови на квасни габи во отсуство на кислород.
Имало претпоставки дека нечистотиите во алкохолот доведуваат до мамурлук. Како и да е, поверојатно е дека причината за тоа е етаналот, токсичен продукт кој се создава во црниот дроб со преработката на алкохолот.
Алкохолните пијалаци со концентрација над 50% етанол се запалливи течности и лесно се палат. Некои егзотични пијалаци го добиваат својот препознатлив вкус преку намерно палење на пијалокот.
Треба да се забележи дека во хемијата, алкохол е општ поим за било кое органско соединение во кое се сврзува хидроксилна група (-OH) со јаглероден атом, кој понатаму е сврзан со други јаглеродни атоми и водород. Другите алкохоли како пропилен гликолот и шеќерните алкохоли се среќаваат често во храната, но овие алкохоли не ја прават храната "алкохолна".