Дебарца
Од Википедија, слободна енциклопедија
Дебарца е етно-географска и историска област во Западна Македонија, северно од Охрид и југо-западно од Кичево. Областа Дебарца ги опфаќа териториите на општините Дебарца и Другово.
Содржина |
[уреди] Географски карактеристики и поделба на Дебарца
Дебарца е всушност котлински предел кој на запад е ограден со падините на планините Стогово и Караорман, на исток со падините на планините Славеј Планина, Илинска Планина и Плаќенска Планина, додека пак на север е отворена кон Кичевската котлина и областа Копачка, а на југ е отворена кон Охридско-Струшката котлина. Областа Дебарца се дели на две под-области Горна Дебарца (Кичевски дел) и Долна Дебарца (Охридски дел). Низ јужниот дел на областа протекува реката Сатеска.
[уреди] Население и села во Дебарца
Во областа Дебарца живеат 6256 жители од кои 6108 (97,63%) се Македонци. Како и многуте македонски региони, така и Дебарца во втората половина на ХХ век беше зафатена од големите миграциони процеси па до денес има константно намалување на своето население. Населението на Дебарца од секогаш било чисто македонско и христијанско и не се забележани процеси на населување на муслиманско население или пак процеси на исламизација.
Во составот на областа Дебарца влегуваат селата од северниот и средишниот дел на Општина Дебарца - Долна Дебарца (т.е. поранешната Општина Белчишта) и јужниот дел на Општина Другово - Горна Дебарца. Во областа Белчишта влегуваат следниве села: Белчишта, Ботун, Велмеј, Горно Средоречие, Долно Средоречие, Врбјани, Годивје, Лактиње, Арбиново, Злести, Лешани, Песочани, Слатино, Слатински Чифлик, Оздолени, Сошани, Ново Село, Брежани, Црвена Вода, Грко Поле, Мраморец, Изделавје, Сливово и Турје.
[уреди] Историја
Областа Дебарца е позната и под името Славна Дебарца поради своето славно минато исполнето со хероизам и борба за слобода на Македонија. Уште во периодот на турското ропство во Дебарца крстосувале многу комитски чети, а многу често престојувал и охридскиот војвода, македонскиот револуционер Христо Узунов. Многупати селата во Дебарца биле недостапни за турските арачлии поради што многу од селата повеќепати претрпувале палења и горења до темел.
Дебарца особено е прославена од периодот на Втората светска војна по неколку настани. На Славеј Планина на 18 август 1942 е формиран првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“, а во 1943 година неколку недели Дебарца ќе биде првата и единствена слободна територија во Македонија за време на Втората светска војна.
[уреди] Стопанство
Поради специфичноста на теренот и богатите тревни пасишта главна стопанска гранка со векови е сточарството. Покрај одгледувањето на овци и крави (во пониските делови) последниве години во подем е одгледувањето на кози. Дебарца покрај своето сирење е многу позната и по својот мед, а во голем подем е и пчеларството. Во близина на селото Песочани постои мала хидроцентрала, а работат и повеќе шумски стопанства, а во развој е и селскиот туризам со оглед дека Дебарца се наоѓа на патот кон Охрид.