Европски Парламент
Од Википедија, слободна енциклопедија
|
Европскиот Парламент е парламентарно тело на Европската Унија, кое се избора на непосредни избори со мандат од 5 години. Парламентот обично заседава во Стразбур, каде што секој месец се одржуваат еднонеделни пленарни средби. Некои делумни седници и средби на комитетите се одржуваат во Брисел заради олеснување на контактите со Комисијата и со Советот. Секретаријатот на Европскиот Парламент се наоѓа во Луксембург.
Содржина |
[уреди] Состав
Од 1979 година Европскиот Парламент се избира на непосредни избори. Во моментот е составен од 785 члена:
- 99 од Германија
- 78 од Франција, Италија и Велика Британија
- 54 од Шпанија и Полска,
- 35 од Романија,
- 27 од Холандија,
- 24 од Белгија, Чешка, Грција, Унгарија и Португалија,
- 19 од Шведска,
- 18 од Австрија и Бугарија,
- 14 од Данска, Финска и Словачка,
- 13 од Ирска и Литванија,
- 9 од Латвија,
- 7 од Словенија
- 6 од Кипар, Естонија и Луксембург и
- 5 од Малта.
[уреди] Надлежност
Главната улога на Парламентот е создавањето различни иницијативи за развој на политиките на заедницата. Парламентот е, исто така, надзорен орган, бидејќи тој е овластен да го одобри именувањето на Европската Комисија и да ја распушти по предлог поддржан со двотретинско мнозинство. Парламентот гласа за програмата на Комисијата и го следи секојдневното управување со европските политики, особено преку поставување усни и писмени прашања до Комисијата и до Советот.
Парламентот може да формира анкетни комисии, кои ги разгледуваат жалбите на граѓаните на унијата упатени на адреса на парламентот. Договорот за Унијата го овластува Парламентот да именува Европски Омбудсман, кој постапува по жалбите во случаи на лоша администрација на активностите на институциите на Унијата.
Парламентот и Советот заедно го сочинуваат телото кое е одговорно за буџетот. Парламентот го донесува годишниот буџет и заедно со Судот на ревизори надгледува како Комисијата располага со буџетот. При тоа, секоја година дава мислење како таа располагала со средствата од буџетот во минатата година. Овој процес е познат под терминот „доделување на позитивна оцена“.
Процесот на формулирање на законодавството на Унијата се одвива на три нивоа: Комисијата ги предлага законодавните инструменти, а Парламентот и Советот го делат правото за нивното донесување.
Единствениот европски акт од 1986 година ја зголеми моќта на Парламентот во однос на законодавството, воведувајќи ја постапката на соработка. Оваа постапка предвидува две читања на законодавните предлози - од страна на Парламентот и од страна на Советот, но со активно учество на Комисијата. Договорот за Унијата отиде чекор натаму при доделувањето поголема законодавна моќ на Парламентот. Договорот ја воведува новата постапка на соодлучување во голем број важни области, со која се овластува Парламентот да донесува прописи и директиви на иста основа со Советот.
Оваа постапка се применува во областа на единствениот пазар, социјалната политика, економската и социјална кохезија, истражувањето и во новите области опфатени со Договорот за унијата - трансевропските мрежи, заштитата на човековата средина, образованието, културата и здравството. Парламентот би сакал постапката на соодлучување да биде проширена и да ги опфаќа пред се земјоделските цени, како и дефиницијата на сопствените буџетски ресурси на Унијата.
Конечно, за одредени одлуки што се од најголема важност (меѓународните спогодби, пристапувањето на нови членови, униформната постапка за избори во Парламентот, правото на жителство за граѓаните на унијата итн.), Советот мора да добие согласност од Парламентот.
[уреди] Политички групи и партии
Европскиот Парламент го сочинуваат политички групи организирани на ниво на Унијата. Тоа се:
- Европска народна партија - Европски демократи
- Партија на европските социјалисти и
- Сојуз на либералите и демократите за Европа
- Унија за Европа на нации
- Европски Зелени - Европска слободна алијанса
- Европска обединета левица - Нордиска зелена левица
- Независност и демократија
- Идентитет, традиција, суверенитет