Итало Калвино
Од Википедија, слободна енциклопедија
Итало Калвино (15 октомври 1923 - 19 септември 1985) е италијански писател и новелист.
[уреди] Живот и дело
Роден е во Сантјаго де лас Вегас, во близина на Хавана, Куба, каде што неговите родители, Марио и Евелина Калвино, работеле во научна лабараторија како ботаничари. Набрзо потоа, фамилијата се враќа во родната Италија, каде Итало Калвино го поминува поголемиот дел од својот живот. Младоста ја живее во Сан Ремо, но неговот мирно детство ќе биде прекинато со доаѓањето на Втората светска војна. Отприлика во тоа време се запишува на Земјоделскиот факлултет во Торино, при што ја продолжува фамилијарната традиција. Торино го опишува како град кој е сериозен, но тажен. Се интересира за политиката, при што неговите лево ориентирани определби ќе го натераат неколку месеци да помине во илегала, бидејќи не се јавил на мобилизацијата. Се зачленува во Комунистичката Партија на Италија и поминува неколку месеци како партизан во бригадата „Гарибалди“. По војната, своите студии ги продолжува на Филолошкиот факултет во Торино, каде дипломира во 1947, со теза посветена на делото на Џозеф Конрад.
Својот прв расказ Калвино „Аретуза“, го објавува благодаредие на своето пријателство со Чезаре Павезе, по што ја започнува соработката со списанијата „Л’Унита“, „Политекнико“ и други. Расказите објавени во овие списанија ќе влезат во збирката „Последен доаѓа гавранот“ во 1949. Во тоа време ја започнува и соработката со издавачката куќа Еинуди, каде најпрво работи како аквизитер, потоа како рекламен агент, и најпосле како уредник заедно со Павезе и Елио Виторини. Со оваа издавачка куќа, Калвино ќе соработува, како писател, стручен соработник и уредник, сè до 1981.
Првиот роман, и воедно обид да се зафати со подолги форми, Калвино го издава во 1946 година. Тоа е романот „Патека до гнездата на пајаците“, за кој во 1947, ја добива наградата „Ричоне“. Следуваа проектот „Италијански бајки“, кој претставува избор и превод на ралични дијалекти на 200 бајки. По овој проект, Калвино ја пишува трилогијата „Нашите предци“ (1960), составена од три кратки романи: „Располовениот виконт“, „Баронот на дрво“ и „Рицарот што не постои“. Раскажувачката дејност ја продолжува со „Раскази“ (1958), наградени со „Багута“. Во 1963 ќе биде објавена и збирката раскази за деца „Марковалдо или годишни времиња“, кој е преведена и на македонски јазик. Следуваат во 1965 година „Космикомичните приказни“, а две години подоцна и втората книга на овие приказни наречена „Т со нула“, за која ќе одбие да ја прими наградата „Вијареџо“.
Во 1968 година, Калвино учествува на два семинари со Ролан Барт и почнува да се занимава со семиологија, а од неговиот престој во Париз значајно е неговото пријателство со Рејмон Кено и со членовите на групата УЛИПО, чијшто член ќе стане во 1972. Како резултат на оваа соработка, во 1969 ја издава првата, а во 1973 втората верзија на „Замокот на вкрстени судбини“, напишана според тарот картите. Во 1972 е објавена збирката раскази „Невидливите градови“, по што ќе следува период во кој Калвино ќе напише голем број на статии и раскази за познатиот весник „Кориере дела сера“, а во 1976 ќе пропатува во различни земји држејќи притоа предавања на универзитети во САД, Мексико и Јапонија. Во 1979, ќе го објави и романот „Ако една зимска ноќ некој патник“ (преведен на македонски, издавачка куќа Темплум, едиција Магма). Овој роман доживува огромен успех, како во Италија, така и надвор од неа. Наредната година се сели во Рим и ја објавува збирката статии „Уште еден каме - размислувањата за литературата и општествениот живот“, а во 1983 излегува збирката „Паломар“. Во 1984, по покус престој во Аргентина, ја објавува книгата есеи и статии „Збирка од песок“ и проширеното издание на „Старите и нови космикомични приказни“.
Умира во 1985 година, не успевајќи да ги заврши белешките за серија предавања на Универзитетот во Харвард, што ќе бидат приредени од неговата сопруга и објавени постхумно под наслов „Американски предавања“, како и незавршената збирка раскази „Под сонцето на јагуарот“. Други постхумно објавени дела се „За бајката“, збирката автобиографски раскази „Улицата до Сан Џовани“, преписката со другите писатели „Туѓите книги“, како и избор есеи за негови најомилени посатели „Како да ги читам класиците“ и други.
Во неговото богато творештво се вбројуваат и текстови за музичка изведба, театар, соработки со филмски списанија, разни есеи и многу други ангажмани.