Карпа
Од Википедија, слободна енциклопедија
Карпите се составни делови на литосферата составени од збир на повеќе минерали, иако во некои случаи можат да бидат составени само од еден минерал. Иако се создале на различни начини и на разни длабочини, тие може да се најдат на целата земјина површина, бидејќи се јавуваат во облик на површински пројави. Науката, пак, чиешто внимание е насочено кон настанокот, составот, особините и начинот на пројавување на карпите во Земјината кора се нарекува петрологија (грчки: petros-карпа). Сите карпи, според начинот на настанувањето, се делат на три основни групи: магматски, седиментни и метаморфни.
[уреди] Магматски карпи
Магматските карпи настануваат со ладењето или стврднувањето на вулканската лава или магма во самата Земјина кора или на нејзината површина. Кога ладењето е многу брзо, нема време да се создаваат кристали, но ако тоа се случува бавно, колку подолго ќе трае процесот, толку поголеми ќе бидат карпестите кристали. Овие карпи се одликуваат со голема цврстина и имаат голема примена во градежништвото. Тие немаат слоеви и не содржат фосилни остатоци. Магматските карпи се класифицираат на најразлични начини. Ако се поделат според начинот на настанувањето, има:
- Плутонски, кои кристализираат внатре во кората и создаваат големи маси на правилни кристали
- Насложени, кои се стврднуваат преку пукнатините низ кои магмата си отвора пат и создаваат големи и мали кристали
- Вулкански, чијшто начин на стврднување е надвор по вулканските ерупции и создаваат само некои кристали. Се класифицираат според процентот на силициум што го содржат:
[уреди] Седиментни карпи
Седиментните карпи настануваат со седиментација (напластување или таложење) на ситен материјал во морињата, езерата, реките и на копното. Овие карпи најчесто се напластени во хоризонтална положба и се состојат од слоеви со различна дебелина. Во нив може да се сретнат фосилни остатоци од растенија или животни. Според потеклото и видот на материјалот што се напластува, се разликуваат карпи со:
- Механичко потекло, настануваат со напластување на механички иситнет или раздробен материјал во водите или на копното. Напластениот материјал се слепува, се цементира и се преобразува во цврста карпа. Карпи од ваков вид се конгломератите, глинестите карпи, лесот итн.
- Хемиско потекло, се создаваат со таложење на материјал кој води потекло од растворите на минералите во водата. Примери за вакви карпи се гиопсот, бигорот и слично.
- Органогено потекло, настануваат со седиментација на остатоци од фосилни организми, и тоа најчесто планктонски. Органогени карпи се кредата, дијатомитот, нумулитниот варовник и слично.
[уреди] Метаморфни карпи
Метаморфните (видоизменети) карпи имаат променлив состав и потекнуваат од метаморфозата (видоизменувањето) на физичко-хемиските особини на кој било друг вид на карпи (магматски, седиментни). Метаморфозата најчесто се врши во подлабоките слоеви на Земјината кора. Главни фактори за видоизменувањето се високиот притисок и високите температури, кои придонесуваат кристалографската структура на карпата да се измени (процес познат како прекристализација), а резултатот е создавање нови минерали. Метаморфни карпи се мермерот, гнајсот, шкрилците, кварцитот, амфиболитот и слично.