Мирче Ацев
Од Википедија, слободна енциклопедија
На оваа статија ѝ е потребно правилно форматирање, категоризирање, граматика, интервики и слично. Може да помогнете со тоа што ќе ја уредите и трансформирате во стандардна вики-статија.
Мирче Ацев е македонски национален деец и народен херој.
Роден е на 20 октомври 1915 година во с. Ореовец, Прилепско. Името го добил по стрико му Мирче Ацев - војвода од времето на османлиското владеење во Македонија.
По завршувањето на основното четирикласно училиште во Ореовец, заминува да учи гимназија во Прилеп. Школувањето во Прилеп Мирче беше принуден да го прекине поради тогашната политика на режимот на Петар Живковиќ за затворање на полните гимназии, каде што ги имаше, освен во Скопје, Битола и Штип. Мирче заминува во Битола.
Во учебната 1933 - 1934 година Мирче се запиша во петти клас во Битолската гимназија. Матурата ја заврши во летото 1937 година.
Се запишува на Правниот факултет во Белград. Уште во почетокот на студиите ссе вклучи во Организацијата на напредните студенти. Преку оваа организација, раководена од КПЈ, напредните студенти ги зедоа во свои раце разните стручни здруженија, одбори и студентската менза. Другар со Кузман Јосифовски - Питу, а од тие денови е и неговото другарување со Страшо Пинџур.
Стана член на Комунистичката партија на Југославија во 1939 година. Задолжен и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година во градот ги формира првата партиска организација и првиот местен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид беше и во наредната 1940 година.
Во почетокот на 1940 година беше испратен на илегална работа во Скопје и се до шести април 1941 престојува во градот. Тука ја организира партиската техника на Покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвува печатењето на партискиот орган, на весникот "Искра".
Неколку дена по нападот на фашистичка Германија, тој и Страшо заминуваат за Кавадарци, а потоа Мирче преминува во Прилеп. По кратко време повторно се враќа на работа во Покраинскиот комитет во Скопје. Како партиски инструктор на Покраинскиот комитет ги обиколува партиските организации во повеќе градови на Македонија.
Од крајот на 1941 година до пролетта 1942 Мирче беше во Битола. Иако во длабока илегалност, работеше со организациите во Ресен и во Охрид.
Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикуваше неактивноста на Покраинскиот комитет, што имаше влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој стана привремен секретар на Покраинскиот комитет.
Заедно со Кузман Јосифовски - Питу се залага за примена на курсот за вооружена борба и пристапува кон формирањето неколку нови партизански одреди во Македонија.
Мирче заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегува на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско.
Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во македонското ослободително движење. Сосема случајно е уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. По долго физичко измачување и без судски процес, обајцата се убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година во Скопје.