Паскал
Од Википедија, слободна енциклопедија
- За единицата за притисок, видете паскал.
Јазикот Паскал (англиски Pascal) е современ програмски јазик, развиен во 70-тите години на минатиот век. За негов автор се смета швајцарскиот математичар Никлаус Вирт (Niklaus Wirth). Јазикот го добил името по францускиот математичар и хуманист од XVII век Блез Паскал (Blaise Pascal), кој ја конструирал првата машина за сметање.
Паскал е едноставен јазик, лесен за учење, разбирлив и со добра организација. Тој е тесно поврзан со поимот структурно програмирање, бидејќи е прв програмски јазик кој овозможува структурно програмирање.
Јазикот Паскал располага со структури кои овозможуваат природна логика на програмирање, со што се добиваат добро организирани (структурирани) програми. Тој содржи голем број управувачки наредби и голем број вградени функции и процедури, како и можност за дефинирање сопствени типови податоци од страна на програмерот. Јазикот Паскал е погоден и за јасно и разбирливо опишување на алгоритми, што овозможува негово користење и во други области, а не само за програмирање.
Денес, јазикот Паскал има широка примена. Тој се користи во образованието за изучување на програмирањето како научна дисциплина, за прегледно запишување на разни алгоритми, за решавање на математички и на технички проблеми, за изработка на апликативни програми, за графичка анимација и друго.