Стар Египет
Од Википедија, слободна енциклопедија
Стар или Антички Египет е лулката на цивилизацијата датирајќи од 5000 година п.н.е., која настанала во долината на големата река Нил, во Североисточна Африка.
При излевањето на реката останувал плодоносен талог (тиња) кој бил мошне погоден за обработка и давал богати приноси на јачмен и жито. Кратко речено, реката Нил му давала живот на египетското население и затоа била сметана за божество.
Египќаните имале развиено сточарство, но сепак нивната главна стопанска гранка била полјоделството. За зголемување на производството, од особено значење била изградбата на иригациони системи од насипи, брани и канали, со кои се осигурувало наводнувањето на полињата, но и одводнувањето на големите поплави.
Семејствата здружени во селски општини ги обединувале заеднички проблеми и интереси, почнувајќи од иригациониот систем, заедничките пасишта до надворешните непријатели. Селските општини се обединувале во поголеми територијални заедници - номи (или окрузи), при што номархот бил врховен војсководач, свештеник и судија, концентрирајќи ја целокупната власт во својата личност. При крајот на IV милениум во Египет постоеле околу 40 такви самостојни владетели.
Номарсите воделе постојани меѓусебни војни за превласт, а заробените противници не ги убивале, со што постојано се зголемувал бројот на робовите. По тие долготрајни војни, се формирале две поголеми држави - царства: Горен Египет (во горниот тек на реката Нил) и Долен Египет (во делтата на Нил).