Црква на Исус Христос Спасителот (Москва)
Од Википедија, слободна енциклопедија
Црквата на Исус Христос Спасителот (руски: Храм Христа Спасителя) е највисоката православна црква во светот. Ситуирана е во Москва, на кејот на реката Москва.
Содржина |
[уреди] Дизајн
Кога последниот војник на наполеонската војска ја напуштил Москва, царот Александар I потпишал Манифест на 25 декември 1812 год. преку кој јасно ја искажал неговата намера за градење на Катедрала во чест на Христос Спасителот која би ја означила нивната благодарност кон Бога за спасувањето на Русија од „непријателот кој ја затемни“ и која истовремено би служела како меморијален споменик на жртвите на рускиот народ.
Првиот архитектонски проект за катедралата бил завршен од самиот Цар во 1817 год, изведен во неокласичен дизајн исполнет со масонски симболи. Првите градежнички работи биле започнати на највисоката точка на Москва, која многу скоро се покажала како несигурна. Во меѓувреме, Александар I бил наследен од неговиот брат Николај I, кој бил голем патриот и православен верник и кому масонските и неокласични елементи не му се допаѓале.
Поради тоа, тој го анагажирал својот најомилен архитект Константин Тон да направи нов дизајн на катедралата, но овој пат по примерот на Света Софија од Истамбул, тогашен Константинопол. Новиот неовизантиски стил бил одобрен, и во 1839 год. почнала изградбата на конаците и Црквата на новоизбрана локација.
[уреди] Изградба
На катедралата ѝ биле потребни многу години за нејзината изградба (сè до 1860 година); деталните фрески продолжиле да се изработуваат од страна на најдобрите руски сликари и резбари и во следните дваесет години од нејзината изградба. Катедралата била осветена на 26 мај, 1883 - на денот на крунисувањето на рускиот Цар Александар III.
[уреди] Рушење
После Октомвриската Револуција во Русија во 1917год. местото на кое се наоѓа катедралата било избрано од страна на Советите како многу погодна локација за изградба на споменик на социјализмот познат како Палата на Советите. Споменикот бил замислен да биде изграден во модернистички стил кој би служел како поддршка на огромната статуа на Владимир Илич Ленин. Поради тоа, на 5 декември 1931 година, по наредба на Каганович, катедралата била разурната со динамит.
Конструкцијата на Палатата на Советите била попречена и запрена поради недостиг на финансиски средства, како и честите поплави од реката Москва која се наоѓа во близина и ближењето на војната. Поплавената основа останала во таа состојба сè до времето на Никита Хрушчов, кога била пренаменета во јавен базен.
[уреди] Новата црква
Со крајот на Советското владеење, Руската Православна Црква добила одобрение за ре-изградба на Црквата на Исус Христос Спасителот во февруари 1990 година. Фондот за прибирање средства бил отворен во 1992 година. Пониската Црква била осветена во 1996 година, додека целата Црква била обновена и осветена на 19 август 2000 година.
[уреди] Видете исто така
- Споменикот на Александар II до црквата на Христос Спасителот
- Црква на Исус Христос Спасителот (Калининград)
[уреди] Надворешни врски
- Официјален веб-сајт, со целосни детали на историјата на изградбата и реизградбата.
- Сателитска слика од Гугл мапи
- Катедралата на Исус Христос Спасителот во Москва: руска алегорија