Јасер Арафат
Од Википедија, слободна енциклопедија
Јасер Арафат (4 или 24 август 1929 - 11 ноември 2004) е поранешен претседател на Палестинската ослободителна организација (1969 - 2004), претседател на Палестинската самоуправа (1993 - 2004) и еден од добитниците на Нобеловата награда за мир во 1994 година. За Палестинците Арафат е еден од најголемите херои и државници, додека Израелците го сметаат за терорист. Истата поделба постои и во светската јавност, во зависност од страната што се зазема во Израелско-палестинскиот конфликт.
Јасер Арафат е роден во Ерусалим. Како студент во Египет во текот на Првата арапско-израелска војна учествува во испраќањето оружје на своите сонародници. Во 1959 година во Кувајт го основа движењето Ал Фатах, кое од 60-тите ќе доминира со Палестинската ослободителна организација.
Во 1982 за време на израелската инвазија на Либан, Арафат е принуден да замине од Либан во Тунис. Во 1988 година под американски притисок го признава правото на постоење на Израел. За време на Заливската војна го поддржуваше Ирак, а набрзо после тоа започна преговори со Израел, кои доведоа до Договорот од Осло во 1993 година. Врз основа на тој договор е основана Палестинската самоуправа, чиј прв претседател стана Јасер Арафат.
Поради склучувањето на мировниот договор во Осло, во 1994 година Арафат, заедно со Јицак Рабин и Шимон Перез, како главни промотори на Договорот од израелска страна, ја добива Нобеловата награда за мир.
Како претседател на Палестинската самоуправа, Арафат водеше долги преговори со Израел околу трајниот статус и границите на идната палестинска држава, но тие преговори завршија со неуспех во 2000 година со избувнувањето на Втората интифада. Од почетокот на интифадата до неговата смрт, Арафат не поседуваше вистинска политичка моќ и главно беше де факто заробеник на Израел поради одбивањето да замине во егзил. Умира од рак во ноември 2004 година. Околу неговата смрт во оптек е верзија дека Арафат бил отруен од страна на израелската влада.