Алкан
Од Википедија, слободна енциклопедија
Алканите се јаглеводороди во чија молекула се содржат само единечни ковалентни врски, како меѓу јаглеродните и водородните атоми, така и меѓу самите јаглеродни атоми. Алканите се нарекуваат и заситени јаглеводороди, бидејќи не можат да содржат повеќе водород отколку што веќе содржат во молекулата. Како резултат на тоа што сите атоми во алканите се сврзани со единечни врски, следува дека јаглеродните атоми во нив се sp3 хибридизирани.
Се разликуваат нормални и разгранети алкани. Во молекулите на нормалните алкани, јаглеродните атоми се поврзани во една права, континуирана низа, како кај октанот. Оние, пак, алкани во чијашто молекула јаглеродните атоми се поврзани со алкил групи се разгранети алкани. Притоа, јаглеродниот атом кој е поврзан со три или четири други такви атоми е точка на разгранување. Пример за разгранет алкан е изобутанот кој има три јаглеродни атоми во правата (главна) низа и CH3 алкил група.
И нормалните, а и разгранетите алкани имаат општа молекулска формула CnH2n+2. Средните јаглеродни атоми кај алканите се поврзани со најмалку 2 водородни атоми, што го објаснува 2n од претходниот израз. Крајните јаглеродни атоми кај алканите се поврзани со уште еден водороден атом, па затоа и +2 во изразот.
Хомологијата (хомолошката низа) на алканите составени од еден до десет јаглеродни атоми е следната:
Број на јаглеродни атоми | Алкан | Формула | Радикал | Формула |
---|---|---|---|---|
1 | Метан | C1H4 | Метил | C1H3 |
2 | Етан | C2H6 | Етил | C2H5 |
3 | Пропан | C3H8 | Пропил | C3H7 |
4 | Бутан | C4H10 | Бутил | C4H9 |
5 | Пентан | C5H12 | Пентил | C5H11 |
6 | Хексан | C6H14 | Хексил | C6H13 |
7 | Хептан | C7H16 | Хептил | C7H15 |
8 | Октан | C8H18 | Октил | C8H17 |
9 | Нонан | C9H20 | Нонил | C9H19 |
10 | Декан | C10H22 | Декил | C10H21 |