Габриел Гарсија Маркес
Од Википедија, слободна енциклопедија
Габриел Хозе Гарсија Маркес (шпански: Gabriel García Márquez) (роден на 6 март, 1928) е колумбиски писател, новинар, политички активист и добитник на Нобеловата награда за литература. Роден во Аракатака, северна Колумбија, главно живее во Мексико и Европа, а во моментот најголем дел од времето поминува во Мексико Сити. Сè поголем број литературни критичари се согласуваат дека Маркес, заедно со Хорхе Луис Борхес и Хулио Кортазар е еден од најголемите латино-американски писатели на 20 век.
[уреди] Животен пат
Маркес прво започнува да работи како новинар. Во 1955 година ја објавува својата прва позначајна книга „Приказната на бродоломецот“. Книгата наидува на критика од страна на владата на генералот Густаво Рохас Пинаља. Во 1967 година Маркес го објавува романот „Сто години самотија“, со кој набрзо постигнува светска слава и претставува најзначајно дело на Маркес. Нобеловата награда за литература ја добива во 1982 година. Во 2002 година го објавува своето автобиографско дело „Да се живее за да се раскаже“, а во 2004 година се појави неговото најново дело „Сеќавање на моите тажни проститутки“.
[уреди] Политички погледи
Маркес е познат по своите левоориентирани погледи. Тој е личен пријател со кубанскиот претседател Фидел Кастро и има искажано голем број симпатии за одредени латино-американски револуционерни групи, особено во текот на 1960-тите и 1970-тите. Исто така е критички настроен кон владата на Колумбија, иако нема докази дека отворено ги поддржувал герилските групи ФАРК и ЕЛН кои се борат против владата.