Добриот, лошиот и грдиот
Од Википедија, слободна енциклопедија
Добриот, лошиот и грдиот (на италијански Il buono, il brutto, il cattivo) е шпагети вестерн филм од 1966 режиран од Серџо Леоне и со Клинт Иствуд (Добриот), Ли ван Клиф (Лошиот) и Ели Валах (Грдиот) во главните улоги. Филмот се одвива во 1862 за време американската граѓанска војна и раскажува за три мажи што бараат закопано воено злато. Филмот е особено познат по краткиот но впечатлив соундтрак на Енио Мориконе како и по клучната пресметка на гробиштата меѓу трите главни ликови. Она што често луѓе го игнорираат е алегориската природа на филмот која повлекува линија меѓу трите лика и Христос, Сатаната и Човештвото. Филмот е сниман во Технископ од страна на наградуваниот Тонино Дели Коли. Често се наоѓа на списоци на најдобрите филмови на сите времиња.
Филмот содржи многу белези на Леоне, како сув дијалог, долги сцени што постепено се надградуваат до климакс (за овој филм, во форма на мексиканска престрелка) и контраст меѓу долги опфатни кадри и екстремно тесен фокус на очи и прсти. Првите 10 минути од филмот немаат дијалог.
Филмот е дел од лабаво поврзаната трилогија на претходните филмови на Леоне, За грст долари и За неколку долари повеќе. Иствуд е главниот лик во сите три, со истите наметка и манири, така што неговиот лик е популарно наречен „Човекот без име“ (всушност, ликот е три пати наречен „Џо“ во првиот, еднаш наречен „Манко“ во вториот, и постојано нарекуван „Блонди“ т.е. „Плавуш“ во третиот). Добриот, лошиот и грдиот се смета за хронолошки претходник на првите два филм бидејќи ликот на Иствуд постепено се стекнува со наметката што ја носи во другите филмови - иако самиот филм е многу поепски во својот спектар.