Едуард Бернштајн
Од Википедија, слободна енциклопедија
Едуард Бернштајн (Берлин, 6 јануари 1850 - Берлин, 18 декември 1932) е германски социјалдемократски теоретичар и најпознат претставник на т.н. ревизионизам.
Бернштајн ја започнува својата политичка кариера во 1872 година кога се зачленува во Социјалдемократската работничка партија, во партијата на т.н. ајзенаховци. Во 1875 година заедно со Август Бебел и Вилхелм Либкнехт го подготвува обединувањето со ласалијанскиот Општ германски работнички сојуз.
Во 1878 година е принуден да емигрира од Германија и заминува во Швајцарија. Во 1881 година станува уредник на весникот „Социјалдемократ“. Во тоа време почнува да соработува со Карл Кауцки и заедно со него ја преведува на германски Марксовата „Беда на филозофијата“.
Во 1888 година по барање на пруската влада е протеран од Швајцарија и заминува за Лондон, каде што воспоставува тесна соработка со Фридрих Енгелс. До 1890 година продолжува да го издава весникот „Социјалдемократ“, а потоа станува дописник на „Ноје цајт“ и на „Форверц“. Во 1891 година заедно со Кауцки ја пишува Ерфуртската програма на Социјалдемократската партија на Германија, што ќе стане модел за програмите на социјалдемократските програми усвоени до почетокот на Првата светска војна.
Од 1896 до 1898 година објавува серија статии насловени „Проблемите на социјализмот“, во кои критички расправа околу доста важни марксистички поставки. Во 1899 година ги систематизира своите забелешки во книгата „Проблемите на социјализмот и задачите на социјалдемократијата“. Оваа книга предизвика бурни реакции во германската социјалдемократија при што доста нејзини водечки личности како Август Бебел, Карл Кауцки, Вилхелм Либкнехт и Роза Луксембург го осудија неговиот ревизионизам на марксистичката теорија и практика.
Во 1901 година му е дозволено да се врати во Германија и тој истата година се враќа во земјата по повеќе од 20 години прогонство. Следната година станува пратеник во Рајхстагот, функција која ќе ја врши до 1928 година. Се профилира како најистакната личност на десното, ревизионистичко крило на германската социјалдемократија. Во 1914 година гласа за воените кредити заедно со целата социјалдемократска фракција во Рајхстагот, но од јули 1915 година застанува против војната, а во 1917 е еден од основачите на Независната социјалдемократска партија на Германија.
По завршувањето на војната е заменик министер за финансии до февруари 1919 година. Сака да ги обедини Независната социјалдемократска партија и Социјалдемократската партија и во таа насока повторно се зачленува во Социјалдемократската партија, без при тоа да се откаже од членството во Независната социјалдемократска партија. Сепак, во Независната социјалдемократска партија овој негов потег не наидува на добар прием, по што е исклучен од партијата. До 1928 година е пратеник на Социјалдемократската партија во Рајхстагот, но неговите мислања сè помалку се слушаат. Во 1928 година се повлекува од политичкиот живот. Умира четири години подоцна.