Триаголник
Од Википедија, слободна енциклопедија
Триаголникот е една од основните фигури во геометрија: многуаголник со 3 темиња и 3 страни кои се прави линиски сегменти.
Кои било 3 неколинеарни точки одредуваат триаголник и единствена рамнина, т.е. дводимензионален Декартов простор во Евклидската геометрија.
[уреди] Видови триаголници
Триаголниците може да ги поделиме според должините на нивните страни:
- Во Рамностран триаголник, сите страни се еднакви по должина. Во него сите внатрешни агли се еднакви—имено, секој од нив има по 60°. Рамностраниот триаголник е всушност правилен многуаголник.
- Во Рамнокрак триаголник најмалку две страни се со еднаква должина. Рамнокракиот триаголник има два еднакви внатрешни агли (имено, аглите каде секоја од еднаквите страни се спојува со третата страна). Рамностраниот триаголник е исто така и рамнокрак триаголник, но не сите рамнокраки триаголници се рамнострани.
- Во Разностран триаголник сите страни имаат различни должини. Внатрешните агли во разностран триаголник се сите различни.
Рамностран | Рамнокрак | Разностран |
Триаголниците можат да бидат класифицирани и според големината на нивниот најголем внатрешен агол, опишано подолу со користење на степени.
- Правоаголен триаголник има еден внатрешен агол од 90° (прав агол). Страната спроти правиот агол се нарекува хипотенуза; тоа е најдолгата страна во правоаголниот триаголник. Другите две страни се викаат катети.
- Тапоаголен триаголник има еден внатрешен агол поголем од 90° (таквиот агол се нарекува тап агол).
- Остроаголен триаголник има внатрешни агли кои се помали од 90° (три остри агли).
Правоаголен | Тапоаголен | Остроаголен |