Мустафа-пашина џамија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Мустафа-пашината џамија се наоѓа на потегот помеѓу Куршумли ан, црквата Св. Спас и Кале, во Скопје. Овој храм, кој е еден од најубавите исламски споменици во Скопје, бил подигнат во 1492 година од страна на скопскиот заповедник Мустафа Паша, чие име е врежано на плочата над влезната врата. Мустафа Паша бил везир на султаните Бајазит II (1481-1512) и Селим I (1512-1520) и извршувал високи државни функции во Отоманската империја. Тој поседувал голем имот во Румелија и четири села во околината на Скопје: Булачани, Батинци, Раштак и Црешево. Бил син на Абдулах (Абдулкерим), имал две жени, и двете по име Хуршид, и четири ќерки Хани, Уми, Шах Земан и Хума. Во Скопје, од сопствени средства, изградил џамија и месџид, а во џамијата имарет и станбени објекти во кои живееле духовните лица. Починал во 1519 год. Евлија Челебија, во своите патеписни белешки, забележал постоење на медреса на Мустафа-паша во Скопје.
Денес комплексот на Мустафа-пашината џамија го сочинуваат џамијата, турбето на Мустафа Паша, саркофагот на неговата ќерка Уми, шадрванот, неколку надгробни нишани, како и остатоци од некогашните имарет и медреса.