Охридско Езеро
Од Википедија, слободна енциклопедија
Охридското Езеро е најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија и веројатно од биолошки аспект најзначајниот стагнантен акватичен екосистем во Европа. Се карактеризира со богата историја, културa, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО.
[уреди] Географија
Тоа покрива површина од 358,2 km2 и се протега во должина од 30,8 km, а најголемата широчина изнесува 14,8 km. Должината на брегот изнесува 87,5km. Неговата длабочина достигнува до 289 m. Вкупниот волумен на езерото изнесува 58,6 km3. Езерото е сместено во длабока и затворена котлина, на исток ограничена со планината Галичица (1945 m), а на запад со Јабланица (2257 m). Се наоѓа на надморска височина од 695 метри. Во сливот на Охридското Езеро припаѓаат 40 реки, од кои 23 на албанска и 17 на македонска територија.
[уреди] Потекло и Жив Свет
Потеклото на Охридското Езеро, гледано во целост како езерски систем со Преспанското Езеро е тектонско. Двете езера претставуваат остатоци од базенот на поранешното Десаретско Езеро од кое настануваат по пат на геотектонска депресија за време на Плиоценот (пред 5,3-1,8 милиони години). Неговата геолошка старост се проценува на околу 2-3 милиони години, поради што се вбројува во групата на стари, долго-постоечки езера заедно со Бајкалското, Тангањика, Ховсгол, Тити Кака. Ваквите езерски екосистеми се сметаат за центри на диверзитет и резервоари на еволуција во кои пред се поради стабилноста на амбиенталната средина, изолираноста на екосистемот и долгото постоење доаѓа до процеси на рапидна еволуција на одредени групи на организми. За Охридското Езеро карактеристични се поголем број реликтни и ендемични организми. Групи најбогати со ендемични организми и воедно најистражувани групи на организми се Дијатомеите (силикатни алги, Bacillariophyta), Харите (група од зелените алги, Charophyta), потоа Планариите (сплескани црви, Turbellaria), мекотелите (Molusca), особено полжавите (Gastropoda) и раковите (Crustacea). Покрај овие групи, познати охридски ендемити се секако охридската пастрмка-Летница Salmo letnica и Белвицата - Acantholingua ohridana.
[уреди] Археологија и историја на езерото
Бреговите на Охридското Езеро биле населени од предисториско време. Најстарите археолошки населби датираат од неолитскиот период, околу 6000 години п.н.е. Само на македонската страна од сливот се откриени повеќе од 170 археолошки места.