Петре Пирузе
Од Википедија, слободна енциклопедија
Петре Пирузе - Мајски (Охрид, 5 мај 1907 – Охрид, 12 јануари 1980) е еден од најистакнатите воено-политички раководители на современата македонска држава во годините на нејзиното создавање. По професија бил правник и адвокат. Активно ја поддржувал идејата за обединување на Mакедонија како независна држава. За ваквите негови идеи бил често прогонуван.
Студирајќи на Правниот факултет во Белград, активно се вклучил во студентското и комунистичкото движење. Во 1941 година е член на КПЈ и секретар на Месниот комитет во Охрид. На судскиот процес во Охрид на 27 ноември 1941 г., од страна на бугарскиот воен суд е осуден на смрт со бесење, заедно со Лазар Колишевски, но потоа е помилуван.
Формирал партиски ќелии во Дебарца и најнепосредно бил ангажиран во подготовките за создавање партизански единици. Бил командант на Втората оперативна зона и раководител на Народноослободителната и антифашистичката борба во западниот дел на Македонија. Член на Генералштабот на НОВ и ПОМ, избран за делегат на Второто заседание на АВНОЈ. Член на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, негов делегат и член на неговиот Президиум. Прв повереник (министер) за правосудство на Народна Република Македонија.
За време на судирот со Информбирото, прифаќајќи ја неговата Резолуција, доаѓа во судир со официјалната партиска и државна политика, поради што е осуден и испратен на издржување на казната на Голи Оток, каде што останал заточен до февруари 1954 година. Рехабилитиран е во 1966 година (му била вратена "Партизанската споменица 1941" која претходно му била бесправно одземена), иако неговата рехабилитација никогаш не била целосна.
Во организација на Институтот за национална историја и на Собранието на Општина Охрид во 1993 година се одржува научен собир "Петре Пирузе - Мајски, време, живот и дело", а во 1997 година е објавен зборникот на трудови од овој собир.