Прокариотa
Од Википедија, слободна енциклопедија
Едноклеточните организми изградени од прокариотски клетки се наречени прокариота (или прокариотски организми). Се смета дека прокариотите се еволутивно постари организми. Во оваа група организми спаѓаат десетици илјади видови архебактерии, еубактерии (т.е. вистински бактерии), цијанобактерии (т.е. модро-зелени алги) и други претставници на царството монера.
[уреди] Организација на прокариотска клетка
Во цитоплазмата на прокариотската клетка се разликуваат два региона: централен (грчки: prokaryon, од каде доаѓа и името) и периферен (или процитоплазма). Прокариотите немаат организирано клеточно јадро како кај еукариотите, туку тоа е дифузно распоредено во централниот регион и е наречено нуклеоид. Во овој регион, се наоѓа и еден хромозом, изграден само од ДНК (без хистони), кој е носач на генетската информација. Периферниот регион (процитоплазмата) има поголема густина од централниот и освен рибозоми, во него не се содржат други органели. Рибозомите во прокариотските клетки се разликуваат од оние во еукариотските по седиментационата константа, која кај прокариотските рибозоми е 70 S, а кај еукариотските 80 S. Поголем број од прокариотските претставници имаат клеточен ѕид (како бактериите). Разликата од еукариотите е тоа што во неговиот состав не влегува јаглехидратот целулоза. Прокариотските клетки, главно, се делат со проста делба, и кај нив нема делбен апарат. Тие може да создаваат лабави колонии, бидејќи немаат голема способност за соединување со други клетки. Имаат нагласени способности за приспособување кон условите на живеење, се одликуваат со брзо растење и кусо време за регенерација и поради тоа се широко распространети.