Браздење
Од Википедија, слободна енциклопедија
Браздењето (односно бластулацијата) е третата фаза од ембриогенезата која следува по оплодувањето. Во оваа фаза, оплодената јајце клетка, т.е. зиготот почнува митотично да се дели, при што се создава топчеста маса од клетки во вид на плод од црница чија површина е набраздена. Оваа структура се нарекува морула, чиешто име доаѓа од истоимениот грчки збор што значи црница.
Во текот на браздењето, ембрионот ги користи хранливите материи складирани во јајце клетката. Митозата која се одвива при браздењето е доста брза. Во неа отсуствуваат G1 и G2 периодите од интерфазата, бидејќи јајце клетката содржи огромни количини ДНК полимераза неопходна за катализирање на сукцесивни хромозомски репликации, како и повеќе mRNA неопходна за синтеза на протеини во текот на раното браздење.
Трансформацијата на зиготот во повеќеклеточен комплекс во текот на набраздувањето се карактеризира со:
- Делење со последователни митотички делби
- Во овој период зачетокот (комплексот) не расте
- Општата форма на комплексот не се менува, освен што во внатрешноста се создава празнина - бластоцел
- Хранливите материи се претвораат во активна цитоплазма
- Количеството на DNA постојано се зголемува со бројот на новите клетки, кои се диплоидни
- Производ на овие делби е творбата бластула, која со движењата на трепките во јајцеводот се носи до матката
- Бластулата се имплантира во ѕидот на матката.