Протеин
Од Википедија, слободна енциклопедија
Протеините или белковините (од грчки protos = првобитен) се важни органски соединенија на клетката и организмот кои се застапени во најголем процент (10-20%) од вкупната тежина или 50% во сува маса. Покрај тоа што ја сочинуваат главната маса на протоплазмата од клетката, тие се и главен дел во молекуларната организација на клетката.
Протеините се макромолекуларни соединенија. Протеинската молекула ја градат хемиските елементи: јаглерод, водород, кислород и азот, а кај некои сулфур или фосфор. Овие молекули се хетерополимери кои под дејство на ензими се разложуваат до мономери, наречени амино киселини. Протеините се разликуваат по видот, бројот и распоредот на амино киселините што ја градат нивната полипептидна низа. Поеади тоа, бројот на различните протеини е доста голем, особено ако се земе предвид дека еден протеин е најчесто изграден од повеќе стотини амино киселини. Некогаш е доволно да се промени само една амино киселина во долгата низа и протеинот да ги промени своите особини.
Молекулата на протеините е доста сложено градена макромолекуларна структура во која разликуваме неколку степени на организациона структура:
- Примарната (првична) структура е најпроста и е претставена со полипептидната низа во која амино киселините се линеарно подредени една зад друга, според строго определен распоред, број и вид. Меѓутоа, полипептидната низа не е праволиниска, а најчесто образува спирали, блиску поставени една до друга
- Секундарната (вторична) структура е претставена токму со претходно опишаната спирала, уште наречена и алфа спирала
- Терциерната (третична) структура настанува со повеќекратно спирализирање на алфа спиралата, при што се образува една топчеста формација. Оваа структура е карактеристична за глобуларните протеини, каков што е миоглобинот
- Кватерната (четвртична) структура настанува со меѓусебно врзување на повеќе молекули со терциерна структура. Таква е молекулата на хемоглобинот, каде има четири полипептидни низи со кватерна структура.
Ако секундарната и терциерната структура на протеинот се измени со некои физички или хемиски дејства, тој се трансформира во неактивна форма, односно настанува денатурација на протеинот. Белковините се разликуваат и по начинот и условите на денатурирањето. Некои протеини имаат способност под одредени услови да се ренатурираат, што е од огромно значење за нивната функција во организмот.
Според хемискиот состав се разликуваат прости и сложени протеини. Простите се изградени само од амино киселини, додека сложените содржат и непротеинска компонента, наречена простетична група.
[уреди] Видете исто така
- Фосфопротеини
- Гликопротеини
- Липопротеини
- Нуклеопротеини
- Хромопротеини
- Металопротеини.