Ензим
Од Википедија, слободна енциклопедија
Ензимите се биолошки катализатори, т.е. тие ги убрзуваат биолошките процеси во организмот, без притоа нивниот состав и количество да се изменат. Ги има во сите органели во клетката. По својата хемиска природа се прости или сложени протеини. Ензимите кои по својата структура се сложени протеини, се состојат од протеинска компонента (апоензим) и непротеинска компонента (коензим или простетична група), при тоа образувајќи холоензим. Ензимите кои се прости протеини, се изградени само од протеини (прости белковини).
[уреди] Ензимска реакција
Реакцијата во која учествува одреден ензим е ензимска хемиска реакција. При тоа, соединението врз кое дејствува ензимот се вика супстрат. Ензимите се специфични за супстратот, и за него се поврзуваат преку одделни места, т.н. активни центри. Поврзувањето се одвива преку принципот клуч-брава, со што се формира привремен комплекс ензим-супстрат. Брзината на ензимската активност зависи од температурата, pH и количинскиот однос на ензимот и супстратот. Единица за ензимската активност во една ензимска реакција е катал.
[уреди] Систематика на ензимите
Меѓународната унија на биохемичарите во 1961 година ја предложила т.н. систематска номенклатура и класификација на ензимите, врз база на крајната хемиска промена која ензимот ја катализира. Според тоа, името на ензимот се состои од името на супстратот и од името на видот или типот на хемиската промена. Името на крајот најчесто завршува со наставката -аза.
Табела:Поделба на ензимите
Главна група | Дејство | Пример |
---|---|---|
Оксидоредуктази |
Катализираат реакции на оксидација и редукција | Лактат-дехидрогеназа |
Трансферази |
Пренесуваат разни групи, како -CH3, -NH2 итн. | Аланин-трансаминаза |
Хидролази |
Кинат естерски, гликозидни и пептидни врски | Рибонуклеаза, амилаза, трипсин |
Лијази |
Разградуваат различни соединенија | Пируват-декарбоксилаза |
Изомерази |
Катализираат претворање на еден изомер во друг, на пример, алдоза во кетоза | Глукоза-фосфат-изомераза |
Лигази |
Катализираат синтеза на -C-O-, -C-N-, -C-C- врска | Глутамин-синтетаза. Ензими кои ги активираат амино киселините |