Октомвриска револуција
Од Википедија, слободна енциклопедија
Октомвриската револуција (позната и како Болшевичка револуција) е втората фаза на Руската револуција од 1917. Првата фаза на Руската револуција започна со Февруарската револуција во истата година. Револуцијата ја кренаа руските болшевици на чело со Владимир Ленин и Лав Троцки.
На почетокот, овој настан се нарекуваше Октомвриско востание или Востанието од 25-ти, на пример, во првите изданија на севкупните дела на Ленин. Неговиот официјален назив, Голема октомвриска социјалистичка револуција потекнува од прославата на 10-годишнината од револуцијата во 1927.
Резултатот од револуцијата беше воведување на еднопартиска власт на комунистите и реорганизација на претходното Руско царство во Сојуз на Советските Социјалистички Републики.
[уреди] Тек на Револуцијата
На седницата на ЦК на Болшевичката партија одржана на 23 октомври е донесена одлука да се крене востание на денот на отворањето на Вториот серуски конгрес на советите: „за” гласаа десет членови, „против” гласаа два члена (Каменев и Зиновјев), а отсутни беа единаесет членови. Револуцијата започнува на 6 ноември, при што болшевиците доста лесно го заземаат Зимскиот дворец.
Следниот ден е отворен Вториот конгрес на советите. Десните социјалреволуционери и меншевиците го напуштаат конгресот во знак на протест поради преземањето на власта од страна на болшевиците, додека левите социјалреволуционери застануваат зад болшевиците.
На 25 ноември се одржуваат изборите за Уставотворното собрание. Резултатите не се во прилог на болшевиците. Најмногу мандати освојуваат социјалреволуционерите: од вкупно 715 места во Собранието, тие добија 412 (57,6%). Од тоа, левите социјалреволуционери имаа 42 мандати, а десните социјалреволуционери 370. Болшевиците беа втори по сила во Уставотворното собрание, добивајќи 183 мандати (25,6%), потоа следуваа меншевиците со 17 мандати, конституционалните демократи со 16, народниците со 2, а различните национални малцинства освоија преку 80 мандати. Сепак, болшевиците не дозволија партиите што имаа мнозинство во Уставотворното собрание да ја преземат власта и на 19 јануари 1918 година го распуштаат Собранието и ја зацврстуваат својата власт.