Парламентарни избори 1994 година
Од Википедија, слободна енциклопедија
Република Македонија |
Оваа статија е дел од серијалот: |
|
|
Портал Политика |
Парламентарните избори 1994 година се првите парламентарни избори кои се одржаа по стекнувањето независност на Република Македонија. Се одржаа истовремено со првите непосредни претседателски избори на 16 и 30 октомври 1994 година. Победа извојува коалицијата Сојуз за Македонија предводена од СДСМ. Опозицијата, ВМРО ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа вториот круг на изборите и тврдеа дека имаше сериозни нарушувања во изборниот процес.
Исто како и на парламентарните избори во 1990 година мандатите се распределуваа според мнозинскиот изборен систем. Гласачкиот одзив при првиот круг беше 77,3%, а при вториот – 57,8%. На изборите учествуваа 38 политички партии и 283 независни кандидати.
Според резултатите од првиот круг коалицијата Сојуз за Македонија во која учествуваа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Либералната партија и Социјалистичката партија на Македонија имаше значителна предност пред водечките опозициски партии ВМРО ДПМНЕ и Демократската партија. Сојузот за Македонија освои 32,6% од гласовите, ВМРО ДПМНЕ – 14,3%, а Демократската партија – 11,0%.
Опозициските партии веднаш изразија сомнение во регуларноста на првиот круг и решија да го бојкотираат вториот круг. Поради овој бојкот, кандидатите на Сојузот за Македонија во вториот круг успеаја во голем број да бидат избрани за пратеници.
Во новиот состав на Собранието, кое ВМРО ДПМНЕ и Демократската партија ќе го сметаат за нелегитимно, распоредот на силите беше следниот:
- Социјалдемократски сојуз на Македонија 60 мандати
- Либерална партија 29
- Партија за демократски просперитет 11
- Социјалистичка партија на Македонија 9
- Партија за демократски просперитет на Албанците 4
- Народна демократска партија 2
- Демократска партија на Македонија 1
- Демократска партија на Турците 1
- Демократски сојуз на Албанците - Либерална партија 1
- Социјалдемократска партија на Македонија 1
- Партија за целосна еманципација на Ромите 1
При ваква констелација на силите, политичките партии што беа на власт до изборите во 1994, повторно формираа коалициона влада на чело со Бранко Црвенковски од СДСМ.