Собрание на Република Македонија
Од Википедија, слободна енциклопедија
Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт. Собранието е еднодомно и според Уставот на Република Македонија може да биде составено од 120 до 140 пратеници, но во сите досегашни состави беа избирани по 120 пратеници. Пратениците се избираат на општи и непосредни избори со тајно гласање. Мандатот на пратениците трае четири години и тие не можат да бидат отповикани. За листа, видете Листа на пратеници во Собранието на Република Македонија. На чело на Собранието стои претседателот на Собранието на Република Македонија.
Република Македонија |
Оваа статија е дел од серијалот: |
|
|
Портал Политика |
Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието.
Собранието заседава во Скопје.
Содржина |
[уреди] Надлежности
Според член 68 од Уставот во надлежност на Собранието на Република Македонија е:
- да го донесува и изменува Уставот на Република Македонија;
- да донесува закони и дава автентично толкување на законите;
- да ги утврдува јавните нарачки;
- да донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот;
- да донесува просторен план на Републиката;
- да ратификува меѓународни договори;
- да одлучува за војна и мир;
- да донесува одлуки за менување на границите на Републиката;
- да донесува одлуки за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави;
- да распишува референдум;
- да одлучува за резервите на Републиката;
- да основа совети;
- да избира Влада на Република Македонија;
- да избира судии на Уставниот суд на Република Македонија;
- да врши избор и разрешување на судии;
- да врши избори, именување и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Устав и со закон;
- да врши политичка контрола и надзор над Владата и над други носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието;
- да дава амнестија и
- да врши други работи утврдени со Уставот.
Покрај тоа, Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.
[уреди] Претседатели на Собранието на Република Македонија
Претседатели на Собранието на Република Македонија по осамостојувањето на Република Македонија биле:
- Стојан Андов (1991 - 1996)
- Тито Петковски (1996 - 1998)
- Саво Климовски (1998 - 2000)
- Стојан Андов (2000 - 2002)
- Никола Поповски (2002 - 2003)
- Љупчо Јордановски (2003 - 2006)
- Љубиша Героргиевски (2006- )
[уреди] Историјат на Собраниската палата
Зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак. Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен разигран волумен и присуство на чисти фасадни елементи, во форма на надворешен петоаголник со внатрешен двор со сала. Применетата фасадна декорација е со геометриски содржини, присутни во одделни партии. Од вградената орнаментална содржина, најинтересен дел е обработката на кабинетите и ентериерот, проектирни-дизајнирани од Д. Инкриостри (1935-1937) во резба - Сала Длаборез, со комплетно обложување на ѕидовите со дрво, поделени на геометриски полиња, каде се аплицирани во резба различни геометриски, вегетабилни и зооморфни стилизирани мотиви, втемелени на народната уметност и традиција. Изведбата на оваа декорација му била доверена на Глиша Костовски, столар и резбар од Тетово, со неговата тајфа.
Зградата е во употреба од 1939 година како Управна палата на тогашната локална Управа.
По ослободувањето на Скопје 1944 година во зградата е сместена целокупната администрација на македонската народна власт: претседателот на Демократска Република Македонија, Народното Собрание, Владата и Уставниот суд.
Со земјотресот што го зафати Скопје во 1963 година, зградата на Собранието видно беше оштетена, после што беа преземени големи зафати за нејзино санирање и реконструкција.
Со осамостојување на Република Македонија во 1991 година, во зградата покрај Собранието на Република Македонија, сместен е и Кабинетот на претседателот на Републиката на дел од првиот кат.
Палатата на Собранието располага со повеќе Сали за седници, Кабинети на претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, на потпретседателите, на претседателите на комисиите, на координаторите на пратеничките групи, на генералниот секретар на Собранието и неговите заменици, како и на раководителите на стручните служби и на секторите.
Во 2004 година направена е Спомен соба по повод 60-годишнината на Првото заседание на АСНОМ.