Одри Хепберн
Од Википедија, слободна енциклопедија
Одри Хепберн | |
---|---|
Одри Хепберн во 1961 година
|
|
Роден | 4 мај 1929![]() |
Починал | 20 јануари 1993![]() |
Занимање | Актерка |
Сопруг | Мел Ферер (1954-1968) Андреа Доти (1969-1982) |
Одри Хепберн (4 мај 1929 - 20 јануари 1993) е англиска актерка со белгиско потекло, добитничка на оскар, изведувачка на Бродвеј, балерина, манекенка и хуманитарка.
Израсната во Арнхем, Холандија за време на нацистичката окупација врз оваа земја во текот на Втора Светска војна, напорно тренира балет пред сосема да се посвети на актерството. Најпрво е забележана како Жижи во истоимената театарска претстава на Бродвеј од 1951 година. Филмско деби има како Принцезата Ен во Празник во Рим од 1953 година, улога за која го добива својот единствен оскар. Таа е една од најпознатите актерки во Холивуд во текот на 1950-тите и 1960-тите, период во кој уште четири пати е номинирана за оскар. Меѓу номинациите особено се истакнува нејзината антологиска изведба на Холи Голајтли (Holly Golightly) во Појадок кај Тифани (1961). Во 1964 година, Хепберн ја игра Елајза Дулитл (Eliza Doolittle) во Мојата убава дама, адаптација на Шоовата драма Пигмалион.
Од 1988 до нејзината смрт во 1993 година, Одри Хепберн е Амбасадор на Добрата Волја при УНИЦЕФ и е наградена со Претседателскиот Медал на Слободата (највисокото признание што може да го добие еден граѓанин на САД) во чест на нејзината хуманитарна работа. Во 1999 година, прогласена е за третата најголема актерка на сите времиња според Американскиот Филмски Институт во нивната листа АФИ 100 години... 100 ѕвезди.
Содржина |
[уреди] Биографија
[уреди] Детство: Животот за време на Втора Светска војна
Родена е како Одри Кетлин Растон [1] (Audrey Kathleen Ruston) во Брисел и е единствено дете на Џозеф Виктор Ентони Растон (Joseph Victor Anthony Ruston), ирски банкар и неговата втора сопруга - бароницата Ела фан Хемстра (Ella van Heemstra), припадничка на холандската аристократија и ќерка на поранешен гувернер на Холандска Гвајана. Подоцна, таткото на Одри го додал и презимето на нејзината баба Кетлин Хепберн, па така сега Одри имала двојно презиме Хепберн-Растон. Имала два полубраќа - Александер (Jonkheer Arnoud Robert Alexander "Alex" Quarles van Ufford) и Јан Кварл фан Уфорд (Jonkheer Ian Edgar Bruce Quarles van Ufford), и двајцата од првиот брак на мајка ѝ со холандски благородник. Потомок е на англискиот крал Едвард III [2] и Џејмс Хепберн (James Hepburn, 4th Earl of Bothwell), линија од која потекло води и Кетрин Хепберн [3].
Бидејќи татко ѝ на Одри работи во Британска осигурителна компанија, семејството многу често патува во Англија и Холандија. Од 1935 до 1938 година, Хепберн посетува приватна академија за девојки во Кент. Во 1935 година, нејзините родители се разведуваат и нејзиниот татко, кој бил симпатизер на фашизмот [4] го напуштил семејството [5]. Подоцна, Одри ќе се сеќава на овој момент како на најтрауматичен во целиот нејзин живот. Многу години од овој миг, таа ќе го пронајде својот татко преку Црвениот Крст. Со него останува во контакт и финансиски го издржува се до неговата смрт [6]. Во 1939 година, нејзината мајка се преселува заедно со Одри и нејзините двајца полубраќа во домот на нивниот дедо во Арнхем, Холандија. Ела верувала дека Холандија нема да биде нападната од Германија. Хепберн учи на Арнхемскиот Конерваториум од 1939 до 1945 година, каде вежба балет, паралелно со нејзините стандардни училишни предмети.
Во 1940 година, нацистите го окупираат Арнхем. Во текот на војната, Хепберн го присвојува псевдонимот Еда фан Хемстра (Edda van Heemstra) модифицирајќи ги документите на мајка ѝ, бидејќи се сметало опасно да се има име што звучело англиски. Ова никогаш нема да биде нејзино легално име.
До 1944 година, Хепберн е веќе искусна и многу вешта балерина. Тајно танцува за различни групи луѓе со цел да собере средства за подземното движење. Подоцна ќе рече: "Најдобрата публика што ја имав, не аплаудираше на крајот на мојата претстава."[7]
По десантот на сојузниците на Д-Денот, работите станале уште полоши под германска окупација. За време на гладот во Холандија во зимата 1944 година, Германците ја конфискувале и онака малата количина храна што Холанѓаните ја имале. Хепберн и многу други биле принудени да правар брашно од пупките на лалињата за да печат колачи и торти [4] [8]. Арнхем е безмалку потполно разрушен како последица од бомбардирањето на сојузничките сили како дел од операцијата Маркет-Гарден. Чичкото на Одри и еден братучед на нејзината мајка биле стрелани пред неа, откако било откриено дека се членови на Отпорот. Нејзиниот полубрат Јан фан Уфорд минува одреден период во германски концентрационен логор. Страдајќи од недоволна исхранетост, Хепберн развила акутна анемија, проблеми со душевните патишта, и едема - болест што предизвикува отекување на екстремитетите [9].
Во 1991, Хепберн ќе изјави: "Имам спомени. Повеќе од еднаш бев на станицата и гледав како се движат возовите полни со Евреи, набљудувајќи ги нивните глави на врвот на вагонот. Се сеќавам, многу јасно, едно малечко дете стоеше со своите родители на платформата и беше многу бледо, русокосо и носеше палто што беше очигледно многу големо за него и се качи на вагонот. Јас бев дете што гледаше дете." [10]
Хепберн исто така ја спомнува и сличноста со Ана Франк: "Бев на потполно иста возраст како и Ана Франк. И двете имавме десет години кога изби војанта и 15 кога заврши. Книгата ми беше дадена на холандски во 1946 година од страна на еден пријател. Ја прочитав... и ме уништи. Таа го прави истото и со многу други луѓе кои ја читаат за прв пат, но јас не ја читав како книга, како испечатени страници. Ова беше мојот живот. Не знаев што ќе читав. Никогаш повеќе не бев иста, толку многу влијаеше врз мене.
Гледавме одмазда. Гледавме млади луѓе притиснати до ѕидот и стрелани и тогаш ќе ја затвореа улицата и потоа ја отвараа и можеше повторно да се помине. Ако го читаш дневникот, обележав едно место каде таа вели: Пет заложници се стрелани денес. Тоа беше денот кога го убија мојот чичко. И во зборовите на ова дете, јас го читав она што беше во мене и она што уште е таму. Тоа беше катарза за мене. Ова дете заклучено меѓу четири ѕида имаше напишано цел извештај за сѐ она што јас искусив и почувствував." [11]
Но сепак не ѝ било целото детство лошо. Повторно, влечејќи паралела од нејзиниот кон животот на Ана Франк, Одри ќе рече: "Духот на преживувањето е толку силен во зборовите на Ана Франк. Еден момент вели: Толку сум разочарана, а веќе следниот копнее да вози велосипед. Таа е дефинитивно симбол на детето во многу тешки мигови, она на кое го посветив моето време. Таа ја надживеа својата смрт." [12]
Еден од начините на кои Хепберн го минувала слободното време била цртањето. Дел од нејзините слики од детството може да се видат овде [13].
Кога Холандија е ослободена, доаѓаат камионите на Обединетите Нации [14]. Хепберн има речено во интервју дека изела цела конзерва кондензирано млеко и потоа ѝ се слошило после еден од нејзините први оброци, поради поголемо количество на шеќер [15]. Ова искуство ќе биде причина таа да стане дел од УНИЦЕФ во подоцнежниот дел од нејзиниот живот [4] [8].
[уреди] Рана кариера
Во 1945 година, по завршувањето на војната, Одри Хепберн го напушта Арнхемскиот Конзерваториум и се преселува во Амстердам каде учи кај Соња Гаскел (Sonia Gaskell) [16]. Во 1948 година, Хепберн оди во Лондон и зема часови кај познатата Мери Рамбер (Marie Rambert), учителка на Васлав Њински (Vaslav Nijinsky), еден од најголемите танчари во историјата. По некое време, Хепберн ја запрашува Рамбер за нејзината иднина. Рамбер ѝ објаснува дека може да продолжи да работи и дека ќе има одлична кариера, но дека нејзината височина (170 cm) и нејзината недоволна ухранетост за време на војната ќе ѝ оневозможат да стане прима балерина. Хепберн ја прифатила проценката на Рамбер и се решила да продолжи како актерка, кариера која би ѝ дала можност да се усоврши [17]. Откако Хепберн станала позната ѕвезда, Мери Рамбер рекла во едно интервју: "Таа беше прекрасен ученик. Ако се одлучеше да продолжи, ќе станеше величенствена балерина [18]." За несреќа, мајката на Одри била приморана да работи како слугинка за да го издржува своето семејство, па Одри морала да најде работа што ќе се плаќа. Бидејќи цел живот вежбала да биде изведувач, актерска кариера изгледала како разумно решение. Еднаш има речено: "Ми требаа пари; тука се плаќаше ₤3 повеќе отколку на балет [19]."
Нејзината актерска кариера започнува со една мала улога во едукативниот филм, Холандски во седум лекции, каде игра улога на стјуардеса. Потоа учествува во музички театарски продукции од типот на Високи чевли со копчиња (High Button Shoes) и Пикантен сос (Sauce Piquante). Нејзината прва улога во долгометражен филм е онаа во британскиот филм Еден див овес (One Wild Oat), каде игра хотелска рецепционерка. Следат неколку мали улоги во филмови како што се Приказна на младите сопруги (Young Wives' Tale), Смеа во Рајот (Laughter in Paradise), Толпата на Лавендер Хил (The Lavender Hill Mob) и Монте Карло, злато (Monte Carlo Baby). Во текот на снимањето на Монте Карло, злато, Хепберн била избрана да ја игра главната улога во Бродвејската претстава Жижи која премиерно била изведена на 24 ноември 1951. Писателката Сидони-Габриел Колет (Sidonie-Gabrielle Colette), првиот пат кога ја видела Одри, извикала "Voilà! Еве ја нашата Жижи!" [20]. Хепберн ја добива Светската театарска награда за нејзината дебитантска изведба. Претставата се одржува шест месеци на Њујоркшката театарска сцена.
Нејзината прва позначајна филмска улога е во Таинствени луѓе од 1952 година, каде игра улога на чудесно талентирана балерина. Сосема нормално, на Хепберн не ѝ била потребна двојничка за сцените со танц. Првата вистинска ѕвездена улога на Одри Хепберн и нејзин прв американски филм е Празник во Рим покрај Грегори Пек. Продуцентите ја посакувале Елизабет Тејлор за улогата, но режисерот Вилијам Вајлер толку се восхитил од аудицијата на Одри (камерата била вклучена и една слатка слика на која е прикажана Одри Хепберн како се одмора и невино одговара на прашањата подоцна ќе биде искористена во трејлерот за филмот) што веднаш ѝ ја доделил главната улога. Вајлер рекол:"Таа имаше сѐ што ми беше потребно: шарм, невиност и талент. Исто така беше и многу духовита. Беше восхитувачки волшебна и ние рековме: Тоа е нашата девојка! [21]." Договорот пред снимањето на филмот бил на постерот за филмот да го има името на Грегори Пек со големи букви, а под него да пишува Одри Хепберн со мали. Но откако завршило снимањето, Пек го повикал својот агент и побарал името на Хепберн да ја има истата важност како и неговото. Тој предвидел дека Одри ќе добие оскар. Хепберн и Пек се поврзале за време на снимањето и почнале да кружат гласини дека се исплела романтична врска меѓу нив; двајцата го негирале ова. Сепак, Хепберн има додадено дека "всушност, мора да бидеш малку вљубен во главниот актер и обратно. Ако ја портретираш љубовта, мора да ја чувствуваш. Не можеш да го направиш тоа на друг начин. Но не ја носиш подалеку од сцената [22]." Набрзо, на 7 септември 1953, сликата на Одри Хепберн се појавува на насловната страница на магазинот TIME.
Изведбата на Хепберн била примена со воодушевување од страна на критичарите." Иако не е сосема нова во филмската уметност, Одри Хепберн, британската актерка која за прв пат игра главна улога како Принцезата Ен е кротка, самовилска и копнежлива убавица, истовремено кралска и детски наивна во прикажувањето на својата длабока почит кон штотуку пронајдените едноставни задоволства и љубовта. Иако храбро се насмевнува по своето откритие на крајот на аферата, таа останува тажна, осамена фигура што се соочува со загушлива иднина." - А.Х. Вајлер (A.H. Weiler), Њујорк Тајмс, 28 август 1953 [23].
По четиримесечното снимање на Празник во Рим, Хепберн се враќа во Њујорк и осум месеци игра во Жижи. Претставата се изведува во Лос Анџелес и Сан Франциско последниот месец. Таа склучува договор за снимање на седум филма со Paramount со пауза од дванаесет месеци меѓу филмовите за да има можност да се посвети и на својата театарска работа [24].
Хепберн подоцна ќе се сеќава на Празник во Рим како на нејзин најдраг филм, бидејќи тоа бил филмот што ја направи ѕвезда.
[уреди] Холивуд: Вивнување кон ѕвездите
По Празник во Рим, Хепберн го снима Сабрина на Били Вајлдер со Хемфри Богарт и Вилијам Холден. Хепберн била пратена кај модниот дизајнер Живанши кој требало да одлучи за нејзината облека. Кога му било речено дека "Госпоѓица Хепберн" ќе дојде да го посети, Живанши ја очекувал Кетрин Хепберн. Сепак не бил разочаран од Одри и оттогаш започнало нивното пријателство и партнерство. Во текот на снимањето на Сабрина, Хепберн и Холден почнале романтична врска и таа се надевала дека ќе се венча со него и дека ќе има деца. Раскинала со него откако тој ѝ открил дека имал направено вазектомија[25] [26].
Во 1954 Одри се враќа на сцената за да го игра водниот дух во Ондин во претстава заедно со Мел Ферер со кого ќе се венча подоцна истата година. Додека се изведува претставата, Хепберн ќе го добие златниот глобус за Најдобра филмска актерка и оскарот за Најдобра женска улога, и двете за Празник во Рим. Шест месеци по добивањето на оскарот, Одри Хепберн ќе ја добие и Тони наградата за најдобра актерка за својата изведба во Ондин.
Кон средината на 1950-тите, Хепберн не е само една од најголемите филмски ѕвезди во Холивуд, туку и вистинска модна икона. Нејзината детска наивност и самовилски изглед, како и светски познатото шик-сетило ќе бидат обожавани и имитирани. Во 1955 година, Одри Хепберн го добива златниот глобус за Најомилена актерка во светот.
Откако станува една од најпопуларните бокс-офис ѕвезди во Холивуд, Одри Хепберн глуми заедно со најголемите актери, како на пример со Хемфри Богарт во Сабрина, Фред Естер во Смешно лице, Морис Шевалије и Гери Купер во Љубов на попладне, Џорџ Пепард во Појадок кај Тифани, Кери Грант во критички признатиот хит Шарада, Рекс Херисон во Мојата убава дама, Питер О'Тул во Како да се украде милион и Шон Конери во Робин и Мериан. Голем дел од овие актери станале многу блиски со неа. Рекс Херисон ја нарекува Одри неговата омилена дама; Кери Грант сака да ја засмева и еднаш вели "сѐ што сакам за Божиќ е само уште еден филм со Одри Хепберн" [27]; Грегори Пек е нејзин доживотен пријател. По нејзината смрт, Пек, пред камера, со солзи во очите, ќе ја изрецитира нејзината омилена песна "Вечна љубов" (Unending Love) од Рабиндранат Тагоре [28]. Некои мислат дека Богарт и Хепберн не се согласувале на филмското платно, но ова не е точно. Напротив, Богарт се согласувал со Одри повеќе отколку со било кој друг. Подоцна таа ќе рече, "Понекогаш таканаречените цврсти момчиња се токму оние со најкревки срца, каков што беше и Боги со мене [29]."
Смешно лице од 1957 ѝ бил еден од омилените филмови на Одри Хепберн, бидејќи имала можност да танцува со Фред Естер. Приказната на калуѓерката ќе ја означи нејзината најсмела улога. Списанието Films in Review ќе напише: "Нејзината изведба засекогаш ќе ги замолчи оние што ја сметаа помалку за актерка отколку за симбол на софистицираната дете/жена. Нејзиниот портрет на Сестра Лука е една од најдобрите изведби на екранот воопшто [30].
Хепберн како Холи Голајтли во Појадок кај Тифани од 1961 ќе ја одигра својата антологиска улога и ќе стане икона на Американската филмска индустрија во 20 век. Таа ќе ја нарече оваа улога "најжива во мојата кариера [31]." Прашана за актерскиот предизвик што го нудела улогата, Хепберн ќе одговори: "Јас сум интроверт. Глумењето на една екстровертна девојка беше најтешката работа што ја направив [32]." Во филмот, Одри ќе носи модна модерна облека дизајнирана од неа и од Живанши и ќе си додаде руси прамени на нејзината кафеава коса, изглед што ќе го задржи и надвор од екраните.
Хепберн веќе станува една од најпопуларните актерки во Холивуд. Мерилин Монро не е единствената што ќе му пее "Happy Birthday, Mr. President" (Среќен роденден, Г. Претстедателе) на претстедателот Џон Ф. Кенеди на неговиот роденден. За неговиот следен и последен роденден на 29 мај 1963, Хепберн, омилената актерка на претседателот, ќе му ја пее "Happy Birthday, dear Jack" (Среќен роденден, драг Џек) [33]. Без разлика на ѕвездената кариера, Хепберн постојано е скромна. Сака да живее тивок живот со своето семејство и животни. Живее во куќи, не во вили, и обожава да ја уредува сопствената градина.
Во 1963 година, Хепберн глуми во комилниот трилер Шарада, нејзиниот прв и единствен филм со Кери Грант, кој претходно ги одбил улогите во филмовите Празник во Рим и Сабрина, сметајќи дека е престар да глуми крај Одри. Во 1964, Хепберн глуми во Мојата убава дама, најочекуваниот филм после Одвеано со виорот [34]. Хепберн е повикана да ја игра улогата на Елајза Дулитл на местото на тогаш непознатата Џули Ендрјуз, која е пофалена од критичарите за истата улога на Бродвеј. Одлуката Ендрјуз да не учествува во филмот е направена уште пред да се повика Хепберн. Најпрво, скромната Хепберн ја одбива улогата и бара од Џек Ворнер Ендрјуз да ја добие, но откако дознава дека улогата ќе ѝ припадне нејзе или на Елизабет Тејлор, таа ја прифаќа улогата. Според една статија на списанието Soundstage, "сите се согласиле дека ако Џули Ендрјуз не е во филмот, тогаш Одри Хепберн е совршениот избор [35]." Џули Ендрјуз сѐ уште го нема направено Мери Попинс, кој ќе биде промовиран истата година како и Мојата убава дама. Хепберн ги снима вокалите за филмот, но наскоро дознава дека професионален пејачки двојник Марни Никсон ги преснимила нејзините песни. Ја напушта сцената веднаш откако ѝ е соопштена оваа информација, но следниот ден се враќа и се извинува за своето однесување. Снимките од неколку песни со првобитниот глас на Одри постојат и се издадени на ДВД изданијата, како и во неколку документарни емисии, но најголем дел од ЦД-ата го содржат гласот на Никсон. Дел од оригиналниот Хепбернов глас е зачуван и на филмот - целата песна "Само ти чекај" и делчиња од песната "Можев да танцувам цела вечер". Кога била прашана за тоа што мисли за преснимувањето, Хепберн се намрштила и рекла: "Се забележува, нели? А тука беше и Рекс кој ги снимаше песните додека глумеше... следниот пат - ". Потоа си ја гризнала усната и не рекла ниту збор повеќе на оваа тема [36]. И покрај преснимувањето, огромен број критичари се согласни во едно нешто - дека изведбата на Одри Хепберн била прекрасна. Џин Ринголд ќе рече: "Одри Хепберн е величенствена. Таа е Елајза засекогаш [37]."
Контроверзијата околу кастингот на Хепберн за главна улога во Мојата убава дама кулминира на доделувањето на оскарите во 1964-1965 година, кога и Одри и Џули Ендрјус се номинирани за најдобра актерка. Медиумите повеќе пати се обидуваат да го прикажат односот меѓу двете актерки како непријателски, но двете актерки ја одбиваат теоријата дека постои анимозитет меѓу нив и велат дека напротив, тие се сложуваат сосема добро. Џули Ендрјус ќе го добие оскарот таа година за улогата во Мери Попинс.
Двајца за патот е нелинеарна и иновативна приказна за разводот. Режисерот Стенли Донен ќе рече дека за време на снимањето Хепберн била послободна и посреќна од кога и да е, што, според него, било последица на дружењето со Алберт Фини [38]. Почекај додека се стемни од 1967 година бил тежок филм - напнат трилер во кој Хепберн има улога на една слепа девојка која е тероризирана. Бил продуциран од страна на Мел Ферер и го означува почетокот на нивниот развод. Се вели дека Хепберн изгубила речиси 7 килограми за време на снимањето под влијание на стресот. Од друга страна пак, таа смета дека нејзиниот партнер Ричард Крена е навистина смешен, а покрај тоа имала доста да зборува и со режисерот Теренс Јанг. Сите се шегувале дека тој ја бомбардирал својата омилена ѕвезда 23 години пред тоа; Јанг бил заповедник на британска тенковска воена единица во текот на битката кај Арнхем. За својата изведба, Хепберн повторно ќе биде номинирана за оскар.
Од 1967 година, после петнаесетгодишна успешна и богата филмска кариера, Хепберн ќе настапува само повремено. По разводот со Мел Ферер, се венча со италијанскиот психијатар Др. Андреа Доти и раѓа втор син после тешката бременост која речиси потполно ја врзува за кревет. После разделбата со Доти, се обидува да се врати преку улогата на Мериан во Робин и Мериан покрај Шон Конери, филм кој ќе има само просечен успех. Ја одбива улогата на балерина во филмот Пресвртната точка која е правена само за неа. Улогата ја добива Ширли Меклејн. Хепберн се враќа на филмското платно во 1979 година во Крвна линија на Сидни Шелдон. Шелдон го променува романот откако истиот добива дозвола за екранизација, правејќи го главниот лик постара личност со цел улогата подобро да ѝ одговара на Одри. Филмот минува лошо и кај критичарите и на бокс-офисот.
Последната главна улога на Одри Хепберн во холивудски филм е онаа, покрај Бен Газара во филмот Сите се смееја, режиран од Питер Богданович. Иако кај критичарите поминува одлично, филмот е засенет од убиството на една од ѕвездите, девојката на Богданович, Дороти Стратен; пуштен е по смртта на Стратен, но само во ограничена количина. Во 1987 година, Хепберн глуми со Роберт Вагнер во пародијата Љубов меѓу крадци кој приказната ја позајмува од неколку хит-филмови на Одри, најмногу од Шарада и Како да се украде милион. Овој телевизиски филм има само просечен успех, а и самата Хепберн изјавува дека ја прифатила улогата само поради забава.
Последната улога на Одри Хепберн, камео, е како ангел во филмот Секогаш на Стивен Спилберг од 1988 година. Секогаш не е бокс-офис хит. Во текот на последните месеци од нејзиниот живот, Хепберн учествува во два забавни проекти: водител е на телевизиската документарна серија Градините на светот со Одри Хепберн, која дебитира на PBS телевизиската мрежа на денот на нејзината смрт и снима албум за деца - Волшебните приказни на Одри Хепберн каде таа чита неколку класични детски приказни, кои ќе ѝ ја донесат постхумната греми награда за најдобар албум за деца.
Одри Хепберн има ѕвезда на Холивудската улица на славните на 1652 Vine Street.
[уреди] Бракови, семејство и подоцнежен живот
Во раниот период на 1950тите, Одри е свршена за младиот Џејмс Хенсон [39]. Одри, оваа врска ќе ја нарече љубов на прв поглед; сепак, дури откако е направен свадбениот фустан и датата веќе закажана, свршувачката е раскината бидејќи Хепберн одлучува дека поради професионални обврски кои би ги оддалечувале неа и Џејмс долг период, бракот нема да успее [40]. Хепберн го подарува својот фустан на една сиромашна италијанска двојка која го поседува и денеска.
Хепберн се венча два пати: за американскиот актер Мел Ферер и за италијанскиот доктор Андреа Доти, и од двајцата има по еден син; Шон во 1960 од Ферер и Лука во 1970 од Доти.
Хепберн го запознава Мел Ферер на забава чиј домаќин е Грегори Пек. Таа го забележала Мел во филмот Лили и била воодушевена од неговата изведба. Ферер подоцна ѝ го испраќа сценариото за драмата Ондин и Хепберн со задоволство се согласила да учествува. Пробите почнале да се одржуваат во јануари 1954 година, а Хепберн и Ферер се венчаат на 24 септември [41]. Хепберн велела дека се неразделиви и среќни, без разлика на честите озборувања кои тврделе дека нивниот брак нема да трае. Сепак, и самата ќе признае дека Мел имал тежок темперамент [42]. Се велело дека Ферер ја контролира Одри и дека е нејзин Свенгали [43]. Еднаш Вилијам Холден ќе рече: "Мислам дека Одри му дозволува на Мел да мисли дека ја контролира."
Пред да ѝ се роди првото дете, на Хепберн два пати ќе ѝ се случи да има спонтан абортус, од кои првиот во март 1955 година. Во 1959 година, за време на снимањето на Непростено, Одри ќе си го скрши грбот откако ќе падне од коњ на карпа. Неколку недели минува во болница и подоцна има спонтан абортус кој бил предизвикан од физички и ментален стрес. Додека се одморала дома, Мел Ферер ѝ го донесол паунот употребен во филмот Зелени палати да го чува како милениче. Го нарекле Ип, скратено од Пипин. Во 1965 година, Одри повторно ќе има спонтан абортус. Затоа ќе биде повнимателна кога ќе биде бремена со Лука во 1969; се одморала со месеци и постојано сликала се додека не го породила Лука со царски рез. Последниот спонтан абортус ќе и се случи во 1974 година [44]. Во популарните легенди, Хепберн останува запаметена по песната "Time Tested Beauty Tips" ("Совети за убавината тестирани од времето") која им ја рецитирала на своите деца. Песната вклучува стихови од типот на "За да има убава коса, дозволи му на детето да минува со прстите низ неа еднаш дневно" или "За убава фигура, сподели ја својата храна со гладните." Поемата понекогаш ѝ се препишува нејзе, но вистинскиот автор на песната е Сем Левенсон.
Хепберн, во текот на животот, ќе има неколку миленичиња, вклучувајќи еден јоркширски териер наречен Mr. Famous (Господин Славен), кој бил удрен од автомобил и убиен. За да ја развесели, Мел ѝ купува уште еден јоркширски териер кој ќе си го крстат Assam of Assam (Асам од Асам). Исто така и го задржала Ип. Неговиот кревет бил направен од кадата. Шон Ферер имал кокер шпаниел наречен Коки. Кога Одри Хепберн остарува, таа одгледува два териера од расата Џек Расел.
Бракот со Ферер траел 14 години, до 5 декември 1968; нивниот син еднаш рекол дека Одри останал предолго во овој брак. Во последните години од нивниот брак, се зборувало дека Ферер имал девојка на страна, но и дека Одри имала афера со нејзиниот партнер од Двајца за патот Алберт Фини. Таа ги негира озборувањата, но режисерот Стенли Донен ќе рече: "Со Алберт фини таа беше како нова жена. Таа и Алби создаваа нешто прекрасно заедно; беа како мали деца. Кога Мел не беше на сетот, тие блескаа. Кога Мел беше таму, беше навистина смешно. Одри и Алби се однесуваа прилично формални и малку беше непријатно [45]." Двојката се разделила уште пред разводот. Во текот на разводот, Хепберн ослабува. Го запознава италијанскиот психијатар Андреа Доти на едно патување со брод и се вљубува во него при посетата на некои древни грчки рушевини. Тогаш таа верува дека ќе има многу деца и дека ќе престане да работи. Со Доти се венча на 18 јануари 1969. Иако тој ја љубел Хепберн и бил сакан од Шон кој сметал дека Доти е забавен, Андреа многу често имал афери со помлади жени. Нивниот брак трае 13 години и завршува во 1982, откако и Лука и Шон се способни да живеат со самохрана мајка. Иако Хепберн ги прекинува сите контакти со Ферер (со него ќе зборува само уште два пати до крајот на својот живот: на дипломирањето на Шон и неговата прва свадба), таа останува во контакт со Доти за доброто на Лука.
Пред да умре, Хепберн ќе биде во врска со Роберт Волдерс, згоден холандски актер, поранешен маж на покојната филмска ѕвезда Мерли Оберон. Се запознава со Волдерс преку пријател во периодот кога нејзиниот брак со Доти е веќе во распад. По разводот, Одри и Роберт почнуваат да живеат заедно иако никогаш не биле венчани. Во 1989 година, откако веќе минува 9 години со Волдерс, таа ќе ги нарече најсреќните години од нејзиниот живот. "Навистина ми требаше многу време", ќе рече Хепберн во едно интервју со Барбара Волтерс. Волтерс тогаш ќе ја праша зошто никогаш не се венчале. Хепберн ќе одговори дека тие биле венчани, само не формално. Заедно ги планирале патувањата со УНИЦЕФ. На секој нејзин говор, бил присутен и Роберт Волдерс. И додека Хепберн зборувала, тој често плачел.
[уреди] Работа за УНИЦЕФ
Веднаш по нејзината последна филмска улога, Одри Хепберн е наименувана за амбасадор на УНИЦЕФ. Благодарна на својата среќна судбина која ѝ овозможува да ја преживее германската окупација како дете, таа го посветува остатокот од својот живот на несреќните деца во сиромашните земји. Патувањата на Хепберн ѝ биле олеснети поради нејзиното познавање на јазици; зборувала француски, италијански, англиски, холандски/фламански и шпански јазик.
Иако Одри веќе имала работено за УНИЦЕФ во текот на 1950тите, почнувајќи од една радио-емисија во 1954 година, овој пат таа навистина се посветува на својата хуманитарна работа. Нејзината прва мисија е во Етиопија во 1988 година. Посетува едно сиропиталиште во Мек'еле каде на 500 гладни деца им се дадени пакети на УНИЦЕФ. Тогаш ќе рече: "Моето срце е скршено. Очајна сум. Не можам да го поднесам фактот што два милиони луѓе се наоѓаат на работ на смрт предизвикана од прегладнетост, многу од нив се деца, а [sic] не е тоа само поради тоа што има тони храна на брегот на Шоа. Не може да се пренесе. Минатата пролет на Црвениот Крст и на работниците на УНИЦЕФ им беше наредено да си заминат од северните предели поради избивањето на две симултани граѓански војни... Заминав во бунтовната земја и гледав мајки и деца што одеа по десет дена, па дури и по три недели, барајќи храна, спиејќи во пустината во импровизирани кампови кадешто и можат да умрат. Ужасно. Таа слика е премногу за мене. Трет свет е термин што не го обожавам многу, бидејќи овој свет е еден свет. Сакам луѓето да знаат дека најголем дел од човештвото страда [46]."
Во август 1988, Хепберн заминува во Турција во еден камп за имунизација. Ќе ја нарече Турција најубав приказ на можностите на УНИЦЕФ. Уште ќе додаде: "Армијата нѝ ги даде своите камиони, продавачите на риби - тезгите за вакцини, и од мигот кога датата беше позната, беа потребни само десет дена за да ја вакцинираме цела земја. Не е лошо."
Во октомври, Хепберн оди во Јужна Америка. Во Венецуела и Еквадор, Хепберн ќе изјави пред конгресот: "Видов мали планински заедници и сиромашни маала и квартови како за прв пат добиваат вода по пат на едно чудо - тоа чудо е УНИЦЕФ. Гледав мали момчиња како градат училишта со цигли и цемент дониран од УНИЦЕФ."
Хепберн заминува за Средна Америка во февруари 1989 и се среќава со лидерите на Хондурас, Ел Салвадор и Гватемала. Во април, Хепберн го посетува Судан заедно со Волдерс како дел од мисијата наречена "Операција Живот". Поради граѓанска војна, пакетите со храна биле стопирани. Мисијата опфаќа спроведување на храна до јужен Судан. Хепберн вели:"Видов само една непореклива вистина. Ова не се природни катастрофи туку човечки трагедии за кои постои само едно човечко решение - мир."
Во октомври Хепберн и Волдерс одат во Бангладеш. Џон Исаак, фотограф на Обединетите Нации ќе рече:"Често децата имаа муви врз себе, но таа само одеше до нив и ги прегрнуваше. Никогаш не сум видел нешто такво. Другите луѓе се колебаат до одредено ниво, но таа ги гушкаше. Децата доаѓаа само да ја држат за рака, да ја допрат - таа беше како Волшебниот Свирач."
Во октомври 1990, Хепберн оди во Виетнам во обид да воспостави врска со владата за да овозможи имплементирање на програмата за имунизација и користење на чиста вода.
Во септември 1992 година, четири месеци пред да умре, Хепберн оди во Сомалија. Хепберн ќе ја нарече апокалиптична и ќе рече:"Зачекорив во кошмар. Видов глад во Етиопија и Бангладеш, но никаде не видов нешто како ова - толку полошо отколку што можев и да замислам. Не бев подготвена за ова[...] Земјата е црвена - чудесна глетка - таа длабока теракота земја. И ги гледаш селата, камповите за сместување и логорите, и земјата е целата распукана околу нив како океански кревет. И тоа беа гробови. Има гробови насекаде. По должината на патот, крај патчињата по кои се движиш, покрај реките, близу секој камп - има гробови насекаде."
Иако преплашена од она што го видела, Хепберн сѐ уште има надеж. "Грижата за децата нема никаква врска со политика. Мислам дека со време, наместо да се врши политизација на хуманитарната помош, ќе се врши хуманизација на политиката." "Секој којшто не верува во чуда не е реалист. Го видов чудото наречено вода што УНИЦЕФ помогна да се оствари. Таму кадешто со векови малите девојчиња и мајки морале да чекорат со милји за да го најдат најблискиот извор, сега имаат чиста вода близу нивните домови. Водата е живот, а чистата вода значи здравје за децата во ова село." "Луѓето во овие места не ја знаат Одри Хепберн но го знаат УНИЦЕФ. Кога ќе го видат знакот УНИЦЕФ нивните лица се осветлуваат зашто знаат дека нешто се случува. Во Судан, на пример, пумпите за вода ги викаат УНИЦЕФ."
Во 1992 година, претседателот Џорџ Буш на Одри Хепберн ѝ го врачува Претседателскиот Медал на Слободата во чест на нејзината работа со УНИЦЕФ, а Филмската Академија постхумно ѝ ја доделува наградата Жан Хершол за нејзините заслуги на полето на хуманитарната дејност. Нејзиниот син ќе ја подигне наградата во нејзино име.
Во 2006 фондацијата Sustainable Style ја инаугурира наградата Стил и суштина во чест на Одри Хепберн која се доделува на познати јавни личности кои работат со цел да го подигнат квалитетот на животот на децата ширум светот. Првата награда беше постхумно наменета за Одри Хепберн и истата беше подигната од страна на Фондацијата за деца Одри Хепберн.
[уреди] Рак на слепото црево
Во 1992 година, по нејзиното враќање од Сомалија, Одри Хепберн почнува да чувствува болки во стомакот. Оди кај специјалисти но добива неубедливи резултати, па решава да се прегледа за време на едно патување во Лос Анџелес во текот на октомври. На 1 ноември, докторите ѝ извршуваат лапароскопска операција и откриваат стомачен рак кој почнал да се шири од слепото црево. Ракот растел во текот на неколку години и се метастазирал не како тумор, туку како мала обвивка врз нејзиното тенко црево. Болката што ја чувствувала Одри била резултат на грчеви во илеумот од тенкото црево. Хепберн одбива хемотерапија, па докторите отстраниле речиси 30 cm од цревото и Одри била хранета исклучиво интравенозно. Откако лузната зараснала, Хепберн била лечена со 5-флуороурацил леуковорин. Неколку дена подоцна, Хепберн има оклузија, односно запирање на крвотокот. Лековите не биле доволни да ја намалат болката, па на 1 декември таа има и втора операција. По еден час, хирургот објавува дека ракот веќе доста се проширил и не е можно да биде отстранет.
Бидејќи Хепберн не била способна да поднесе комерцијален лет, Живанши го најмува социјалитот Бани Мелон кој испраќа приватен лет до Лос Анџелес кој ја носи Хепберн во Швајцарија. Мелон ја наполнил кабината со цвеќиња.
Одри Хепберн умира од рак на слепото црево на 20 јануари 1993 година во Толохеназ, Швајцарија, каде е и закопана. Имала 63 години.
[уреди] Вечна популарност
Од мигот на својата појава, до денешен ден, Одри Хепберн е икона на убавината и модата. Често е ословувана со титулата најубава жена на сите времиња [47] [48]. Нејзиниот моден стил е сѐ уште популарен меѓу жените [49]. Спротивно на нејзиниот современ портрет, иако Хепберн навистина уживала во модата, таа не ѝ била особено важна. Секогаш повеќе сакала нормални, удобни алишта. Воопшто и не се сметала себеси за особено привлечна девојка. Во едно интервју од 1959 година, Хепберн ќе рече: "Можете дури и да речете дека се мразев себеси во одредени периоди. Бев премногу дебела, или превисока или едноставно премногу грда... дури и би можеле да речете дека мојата сигурност потекнува од чувствените слоеви на несигурност и инфериорност. Не можев да ги надминав овие чувства преку несигурност. Единствен начин да го извлечам најдоброто од нив беше преку прифаќање на еден силен, концентриран стремеж [50]."
До денес, само еден биографски филм базиран врз животот на Одри Хепберн е направен - телевизискиот филм од 2000 година Приказната за Одри Хепберн со Џенифер Лав Хјуит во главната улога. Хјуит се јавува и како ко-продуцент на филмот. Критичарите биле безмилосни кон филмот поради фактичките грешки и слабата изведба на главната актерка. Филмот завршува со снимка на вистинската Одри Хепберн, која ја прикажува неа во една од нејзините последни мисии со УНИЦЕФ. Постојат неколку верзии на филмот; прикажуван е како мини-серија во неколку земји, но и во неговата скратена верзија во САД на мрежата ABC, која всушност е и верзијата пуштена на ДВД издание. Еми Росум, во една од своите први филмски улоги, ја портретира Одри во нејзините тинејџерски години во филмот.
Во 2003, Поштенската служба на САД издаде марка илустрирана од Мајкл Џ. Дејс која го чествува ликот на Одри како холивудска легенда и хуманитарка. Сликата на марката е врз база една слика што ја прикажува Хепберн во филмот Сабрина. Хепберн е еден од ретките странски државјани со ваква чест во САД.

Сликата на Хепберн е сѐ уште често употребувана во рекламните кампањи на многу светски компании. Во Кина, серија реклами за црн чај користеа обоени и дигитално преработени слики на Одри од Празник во Рим. Во САД, Хепберн беше дел од реклама на GAP емитувана од 7 септември до 5 октомври 2006 година. Таа искористува делови од Смешно лице, а во позадина свири песната Back in Black на AC/DC. Мотото на рекламата е "It's Back — The Skinny Black Pant". (Се вратија - кожните црни пантолони). За да ја прослави својата кампања Нека биде едноставно, GAP ќе направи значајна донација на Фондот за деца на Одри Хепберн [51]. Рекламата е навистина популарна и има повеќе од 200 000 посетители на YouTube.
Малиот црн фустан од Појадок кај Тифани, дизајниран од Живанши и Хепберн, на 5 декември 2006 на аукција во Кристи ќе биде продаден за £467,200, речиси седум пати повеќе од планираните £70,000. Ова е најголемата сума платена за некој филмски костум. Парите се донирани во центарот за грижа на сиромашните деца во Индија - "Градот на Радоста". Претседателот на фондацијата по овој повод ќе изјави:"Во моите очи има солзи. Сосема сум запрепастен од фактот што едно обично парче облека од една така волшебна актерка ќе ми овозможи да купам цигли и цемент за да им овзможам на најсиромашните деца во светот училишта [52]." Сепак фустанот понуден на аукцијата воопшто не бил носен од Одри Хепберн во текот на снимањето на филмот. Едниот од двата фустани што таа ги носела во филмот стои во архивата на Живанши, а другиот во Музејот на костумите во Мадрид [52].
[уреди] Телевизија и филм
[уреди] Филмографија
Година | Наслов | Улога | Белешки |
1948 | Nederlands in 7 lessen (македонски: "Холандски во седум лекции") |
Стјуардеса | Документарна емисија |
1950 | Еден див овес | Хотелска рецепционерка | |
1951 | Смеа во Рајот | Девојката со цигара | |
Приказната на младите сопруги | Ев Лестер | ||
Толпата на Лавендер Хил | Чикита | ||
1952 | Таинствени луѓе | Нора Брентано | |
Монте Карло, злато | Линда Фарел | Откриена е од француската романсиерка Колет за време на снимањето и кастирана за главната улога во Бродвејската претстава Жижи | |
Nous irons à Monte Carlo (македонски: "Ќе одиме во Монте Карло") |
Мелиса Волтер | Француска верзија на Монте Карло, злато | |
1953 | Празник во Рим | Принцезата Ен | Добитник на оскар, златен глобус, БАФТА и награда од Њујоркшките филмски критичари |
1954 | Сабрина | Сабрина Ферчајлд | Номинација за оскар и БАФТА |
1956 | Војна и мир | Наташа Ростов | Номинација за златен глобус и БАФТА |
1957 | Смешно лице | Џо | |
Љубов на попладне | Ариен Шаваз/Слабата девојка | Номинација за златен глобус; добитничка на златен ловор | |
1959 | Зелени палати | Рима | Режирано од Мел Ферер |
Приказната на калуѓерката | Сестра Лука (Габриел фан дер Мал) | Номинација за оскар и златен глобус; добитничка на БАФТА, награда од Њујоркшките филмски критичари и Зулуета награда | |
1960 | Непростено | Рејчел Закари | |
1961 | Појадок кај Тифани | Холи Голајтли | Номинација за оскар |
Час за децата | Керен Рајт | ||
1963 | Шарада | Реџина Лампарт | Номинација за златен глобус; добитничка на БАФТА |
1964 | Париз, кога врне | Габриел Симпсон | |
Мојата убава дама | Елајза Дулитл | Номинација за златен глобус | |
1966 | Како да се украде милион | Никол Бонет | |
1967 | Двајца за патот | Џоана Валас | Номинација за златен глобус |
Почекај додека се стемни | Сузи Хендрикс | Номинација за оскар и златен глобус | |
1976 | Робин и Мериан | Лејди Мериан | |
1979 | Крвна линија | Елизабет Роф | |
1981 | Сите се смееја | Анџела Ниотис | |
1989 | Секогаш | Хеп (ангел) |
[уреди] Телевизија и театар
Година | Наслов | Улога | Белешки |
1949 | Високи чевли со копчиња | Девојка од хорот | Театарски мјузикл |
Тартарски сос | Девојка од хорот | Театарски мјузикл | |
1950 | Пикантен сос | Учесник | Театарски мјузикл |
1951 | Жижи | Жижи | Премиера има на Бродвеј во театарот Фултон на 24 ноември 1951. Хепберн ја добива Светската театарска награда во 1952. |
1952 | CBS Телевизиска работилница | Епизодата наречена "Дождлив ден на крстосницата пред Рајот" | |
1954 | Ондин | Водна нимфа | Се изведува на Бродвеј од 18 февруари до 26 јуни. Добива тони награда за најдобра актерка. Игра заедно со Мел Ферер |
1957 | Маерлинг | Марија Ветсера | Жива продукција на Producers' Showcase. Игра заедно со Мел Ферер кој ја има улогата на принцот Рудолф. |
1987 | Љубов меѓу крадци | Бароницата Каролина ДуЛак | Телевизиски филм. |
1993 | Светските градини со Одри Хепберн |
[уреди] Награди
Одри Хепберн е добитничка на оскар за својата улога во Празник во Рим во 1953 година. Номинирана за оскар во категоријата најдобра актерка е номинирана уште четири пати, и тоа за Сабрина, Приказната на калуѓерката, Појадок кај Тифани и за Почекај додека се стемни.
Низа контроверзни дискусии се исплетуваат околу изборот за најдобра актерка во 1964 година, кога Одри Хепберн не е номинирана за една од своите најдобри улоги, онаа на Елајза Дулитл во Мојата убава дама.
Во 1967 година Американската Филмска Академија избира да ја номинира Одри Хепберн за улогата во Почекај додека се стемни, но не ја номинира и за одличната изведба во критички прифатената драма Двајца за патот. Добитник на оскарот во 1967 година е Кетрин Хепберн за Погодете кој доаѓа на вечера.
Одри Хепберн е една од ретките луѓе кои имаат добиено Еми, Греми, Оскар и Тони награда.
- Оскар: Најдобра актерка за Празник во Рим (1953) и постхумно Наградата на Жан Хершол (1992).
- Златен глобус: Најдобра актерка во филм за Празник во Рим (1954).
- Тони: Најдобра актерка во Ондин (1954) и Специјална награда за посебни достигнувања (1968).
- Греми: Награда за најдобро прочитан албум за деца (1993) за Волшебните приказни на Одри Хепберн (постхумно).
- Еми: Видно индивидуално достигнување (1993) и за епизодата Цветни градини од документарната серија Светските градини со Одри Хепберн (постхумно).
Исто така, во 1955 година, Одри Хепберн ја има добиено и наградата Хенриета за најомилена актерка на светот, како и наградите Сесил Б. ДеМил во 1990, односно Наградата за животно достигнување од страна на Здружението на филмските актери во 1992 година. Подоцна ја добива и Жан Хершол Хуманитарната награда.
Во декември 1992 година, еден месец пред да умре, Хепберн го прима Претседателскиот Медал на Слободата за нејзината работа во УНИЦЕФ [53]. Ова е едно од двете највисоки признанија од цивилен ред што се доделуваат во САД [54] [55].
Награди | ||
---|---|---|
Претходник: Ширли Бут за Врати се, мала Шиба |
Оскар за најдобра актерка 1953 за Празник во Рим |
Наследник: Грејс Кели за Селската девојка |
Претходник: Вивиен Ли за Пајтонот наречен Желба |
БАФТА награда за најдобра актерка во главна улога 1953 за Празник во Рим |
Наследник: Ивон Мичел за Поделеното срце |
Претходник: Ширли Бут за Врати се, мала Шиба |
Златен Глобус за најдобра актерка во филм драма 1954 за Празник во Рим |
Наследник: Грејс Кели за Селската девојка |
Претходник: Ширли Бут за Време на кукавицата |
Тони награда за најдобра изведба на главна актерка во театарска претстава 1954 за Ондин |
Наследник: Ненси Кели за Злобното семе |
Претходник: Ајрини Ворт за Наредби да се убие |
БАФТА награда за најдобра актерка во главна улога 1959 за Приказната на калуѓерката |
Наследник: Рејчел Робертс за Сабота навечер, недела наутро |
Претходник: Рејчел Робертс за Овој спортски живот |
БАФТА награда за најдобра актерка во главна улога 1964 за Шарада |
Наследник: Џули Кристи за Драга |
Претходник: Хауард В. Кох |
Жан Хершол Хуманитарна награда 1992 |
Наследник: Пол Њумен |
Претходник: Никој |
Греми награда за најдобро прочитан албум за деца 1993 за Волшебните приказни на Одри Хепберн |
Наследник: Роберт Гијом за Читање на Кралот Лав |
[уреди] Белешки
- ↑ Копија од изводот на Одри Хепберн
- ↑ Мет Кренсон (Crenson, Matt). Сите имаат кралски корени, Live Science, 1 јули 2006
- ↑ Демион Метјус (Matthews, Damion). Хепберн против Хепберн, Salon.com, 6 октомври 1999
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Тихнер, Марта. "Одри Хепберн", CBS Sunday Morning, 26 ноември 2006.
- ↑ Биографија на Одри Хепберн
- ↑ Едвард Клајн (Klein, Edward). 'Не можеш да љубиш без да се плашиш дека ќе го изгубиш она што го љубиш', Parade, 5 март 1989
- ↑ Одри Хепберн, Coronet, Јануари 1955
- ↑ 8,0 8,1 Џејмс, Керин (1993). „Одри Хепберн, актерка, мртва на 63 години“. New York Times. [Страната е посетена на 2007-04-01].
- ↑ Лесли Гарнер (Lesley Garner) ја сретнува легендарната актерка пред подготовката за гала-ревијата на Уницеф, The Sunday Telegraph, 26 мај 1991
- ↑ во оригинал: "I have memories. More than once I was at the station seeing trainloads of Jews being transported, seeing all these faces over the top of the wagon. I remember, very sharply, one little boy standing with his parents on the platform, very pale, very blond, wearing a coat that was much too big for him, and he stepped on to the train. I was a child observing a child."
- ↑ во оригинал: "I was exactly the same age as Anne Frank. We were both 10 when war broke out and 15 when the war finished. I was given the book in Dutch, in galley form, in 1946 by a friend. I read it . . . and it destroyed me. It does this to many people when they first read it but I was not reading it as a book, as printed pages. This was my life. I didn't know what I was going to read. I've never been the same again, it affected me so deeply. We saw reprisals. We saw young men put against the wall and shot and they'd close the street and then open it and you could pass by again. If you read the diary, I've marked one place where she says, 'Five hostages shot today'. That was the day my uncle was shot. And in this child's words I was reading about what was inside me and is still there. It was a catharsis for me. This child who was locked up in four walls had written a full report of everything I'd experienced and felt."
- ↑ во оригинал: "This spirit of survival is so strong in Anne Frank's words. One minute she says, 'I'm so depressed.' The next she is longing to ride a bicycle. She is certainly a symbol of the child in very difficult circumstances, which is what I devote all my time to. She transcends her death."
- ↑ Цртежите на Одри Хепберн
- ↑ Работата на Одри Хепберн со УНИЦЕФ
- ↑ Џесика Сајгел (Seigel, Jessica). Одри Хепберн е на ред, The Chicago Tribune, 20 јануари 1992
- ↑ Биографија на официјалната страница
- ↑ Синот на Одри Хепберн се потсетува на својата мајка
- ↑ Принцеза, oчигледно, TIME, 7 септември 1953
- ↑ Марк Николс (Nichols, Mark) Одри Хепберн се враќа во барот, Coronet, ноември 1956
- ↑ Осветлувајќи го Бродвеј
- ↑ Анализа на Празник во Рим
- ↑ Бил Тушер (Tusher, Bill). Принцезата во слатки пантолони, Motion Picture, февруари 1954
- ↑ Празник во Рим
- ↑ Мајк Коноли (Connolly, Mike). Кому му е потребна Убавина!, Photoplay, јануари 1954
- ↑ Бери Парис (Paris, Barry). Вечната мистерија зад Одри Хепберн, Одри Хепберн, 1996
- ↑ Сабрина
- ↑ Колку тажно за Одри! Motion Picture, мај 1964
- ↑ Омилените песни на Одри Хепберн
- ↑ Одри Хепберн (Hepburn, Audrey). Мојата убава дама, Филмски фестивал
- ↑ Приказната на калуѓерката
- ↑ Крис Кејн (Kane, Chris). Појадок кај Тифани, Приказни на екранот, декември, 1961
- ↑ Јуџин Арчер (Archer, Eugene). Со малку среќа и многу талент, New York Times
- ↑ Бери Парис (Paris, Barry). Вечната мистерија зад Одри Хепберн, Одри Хепберн, 1996
- ↑ Џин Ринголд (Ringgold, Gene). Мојата убава дама - најдобрата меѓу сите нив!, Soundstage, декември, 1964
- ↑ Џин Ринголд (Ringgold, Gene). Мојата убава дама - најдобрата меѓу сите нив!, Soundstage, декември, 1964
- ↑ Јуџин Арчер (Archer, Eugene). Со малку среќа и многу талент, New York Times
- ↑ Џин Ринголд (Ringgold, Gene). Мојата убава дама - најдобрата меѓу сите нив!, Soundstage, декември, 1964
- ↑ Зад разводот на Одри Хепберн и Мел Ферер, Screenland, декември, 1967
- ↑ Алекс Брумер (Alex Brummer), Хенсон: Биографија, (London: Fourth Estate, 1994) страници 47-50 и 52
- ↑ Hyams, Joe. Зошто Одри Хепберн беше уплашена од брак, Filmland, јануари, 1954
- ↑ Одри Хепберн за својот маж
- ↑ Дејвид Стоун (Stone, David). 'Мојот маж Мел', Everybodys, 10 март 1956
- ↑ Зад разводот на Одри Хепберн и Мел Ферер, Screenland, декември 1967
- ↑ Биографија на Одри Хепберн
- ↑ Screenland
- ↑ УНИЦЕФ
- ↑ Одри Хепберн - најубавата жена на сите времиња на SMH
- ↑ Одри Хепберн на врвот на листата на најубави жени
- ↑ Лик на Одри Хепберн е прогласен за најдобро облечена филмска икона
- ↑ Harris, Eleanor. Одри Хепберн, Good Housekeeping, август 1959
- ↑ Нова рекламна кампања на GAP
- ↑ 52,0 52,1 Хистерија околу аукцијата на фустанот на Одри Хепберн, посетена на 28 март, 2007
- ↑ Официјална страница на УНИЦЕФ
- ↑ „"Претседателскиот Медал на Слободата - Највисокиот цивилен орден за почитувани американци и хуманитарци!"“. [Страната е посетена на 2007-04-01].
- ↑ Стефани Коли (Caulley, Stephanie). „"CongressionalGoldMedal.com - Ексклузивни информации за конгресниот медал, историја на медалот, биографија и повеќе."“. [Страната е посетена на 2007-04-01].
[уреди] Надворешни врски
- Одри Хепберн на Internet Movie Datebase
- Одри Хепберн на ТCM Movie Datebase
- Одри Хепберн на Internet Broadway Datebase
- Одри Хепберн на Notable Name Datebase
- Одри Хепберн на TV.com
- Официјална страница на Фондацијата за деца Одри Хепберн (Audrey Hepburn Children's Fund)
- Американска поштенска марка со Одри Хепберн
- Гробот на Одри Хепберн
- The Audrey Hepburn Guide - Водич кон сите страници за Одри на мрежата (листа на страници на обожавателите)
- Реклама на Gap на која снимка од Одри Хепберн е поставена на музика од песната на AC/DC "Back in Black"