Алги
Од Википедија, слободна енциклопедија
Систематската група на алги опфаќа околу 35 000 видови, анатомско и морфолошки различно диференцирани. Алгите се еукариотски протисти. Тие се автотрофни организми, со мали исклучоци. Нивното тело е малку диференцирано и се означува како талус.
Алгите имаат широко распространување на Земјата. Тие живеат во водна средина, најповолна за нивниот развиток, меѓутоа ги има во влажни и повремено влажни места. Освен тоа, живеат на карпи, снег, во почва, во некои растенија и животни, како и во симбиоза со габите. Алгите се космополитски организми, односно распространети се насекаде.
Размножувањето кај алгите е најразлично: бесполово (со проста делба, спори) и полово (изогамија, анизогамија, оогамија итн.).
[уреди] Систематска поделба на алгите
Алгите се јавуваат во најразлични форми. Некои од десетте оддели на алги се исклучиво едноклеточни. Други, пак, се збир на клетки наредени во конци или колонии. Зелените, кафеавите и црвените алги се многуклеточни организми. Најкарактеристични таксономски оддели на алги се:
- Зелени алги или Chlorophyta
- Силикатни алги или Bacillariophyta
- Кафеави алги или Phaeophyta
- Црвени алги или Rhodophyta
- Жолто-зелени алги или Xanthophyta
- Златни алги или Chrysophyta
Некои научници конјугатните зелени алги (Gamophyta или Conjugatophyceae) ги вбројуваат во посебен оддел од зелените.