Крв
Од Википедија, слободна енциклопедија
Крвта (латински: Sanguis) е течно сврзно ткиво кое циркулира низ крвните садови и чијашто најзначајна улога е транспортната - хранливи материи, екскрети, кислород и јаглерод диоксид од и до клетките. Меѓутоа, за разлика од останатите сврзни ткива, во крвта нема нишковидни творби, односно фибрили - колаген или еластични влакна.
Крвта се состои од формативни елементи (крвни клетки) и крвна плазма. Од целокупниот волумен на крвта, 45% отпаѓа на крвните клетки, додека 55% на крвната плазма. Волуменскиот однос на крвните клетки со крвната плазма е наречен хематокрит. По прекумерно потење, количеството на плазма може да се намали до 50%, додека со консумирањето на течности да се зголеми до 60%.
[уреди] Формативни елементи на крвта
Формативните елементи на крвта се клетките кои ја даваат структурата на крвта: еритроцити, леукоцити и тромбоцити. Тоа се неповрзани меѓусебе елементи.
Еритроцитите (видете и: еритроцит) се црвените крвни клетки. Тие се долги околу 7 - 8 µ и широки 2 µ. Имаат дисковидна форма. Кај повеќето животни еритроцитите содржат јадро, додека кај цицачите, вклучувајќи го и човекот, тие се безјадрени клетки. Основната улога на еритроцитите е транспорт на кислородот до клетките и јаглеродниот диоксид од нив преку респираторниот пигмент што го содржат - хемоглобин. Исто така, видот на крвната група зависи од антигенот присутен во мембраната на самиот еритроцит. Еритроцитите се создаваат во коскената срцевина, преку процесот на хематопоеза.
Леукоцитите (видете и: леукоцит) се белите крвни клетки. Тоа се амебовидни клетки без јадра. Врз основа на нивната големина, формата и гранулите во нивните јадра, поделени се на гранулоцити (имаат гранули во јадрото) и агранулоцити (немаат гранули во јадрото). Основната функција на леукоцитите е учеството во специфичниот имунитет, како и во клеточниот. Ова се должи на способноста за амебовидно движење, дијапедеза, хемотаксија и фагоцитоза. Леукоцитите со гранули во јадрата се создаваат во коскената срцевина, додека безгрануларните се создаваат во различни делови на лимфниот систем (најчесто во лимфните јазли), додека дел од незрелите леукоцити се диференцираат во тимусот (градната жлезда).
Тромбоцитите (видете и: тромбоцит) се крвните плочки. Тие не се клетки во вистинската смисла на зборот. Како и да е, тие не содржат јадра, отприлика се големи околу 4 µ и имаат бела боја. Тромбоцитите содржат серотонин (ткивен хормон) и тромбокиназа (ензим), кои лесно се ослободуваат при кршењето на тромбоцитите. Со помош на овие составни делови, крвните плочки учествуваат во хемостазата (спречување на крвавењето). При тоа, серотонинот врши вазоконстрикција (стегање) на оштетениот крвен сад, додека тромбокиназата е еден од почетните фактори за започнување на коагулацијата. Како и еритроцитите, крвните плочки се создаваат во коскената срцевина по пат на хематопоеза.
[уреди] Крвна плазма
- Главна статија: Крвна плазма
Крвната плазма е составена најмногу од вода (90 - 92%), органски и неоргански состојки. Таа е многу стабилна суспензија на формативните елементи на крвта.
Од неорганските состојки на крвната плазма најзастапени се повеќе хемиски елементи важни за организмот, како натриум, калиум, калциум, бакар, железо, магнезиум и др.
Од органскиот дел на крвната плазма, важно е да се спомнат плазматичните протеини (плазматични глобулини, фибриноген, протромбин, албумин, γ глобулин итн.), амино киселини, липиди (најмногу холестерол), јаглехидрати (главно глукоза), нуклеински киселини, азотни соединенија итн.
Со центрифугирање или седиментација на крвта, на дното од садот се издвојуваат крвните клетки, а над нив се издвојува бистрата крвна плазма. Со отстранување на фибриногенот од крвната плазма се добива крвен серум.