Самоил (цар)
Од Википедија, слободна енциклопедија
Цар Самоил | |
---|---|
владетел на Самуиловото царство, крунисан како бугарски цар
|
|
Роден | 958 ? |
Починал | 6 октомври, 1014 Прилеп, сега Република Македонија |
Цар Самоил (958 - 6 октомври 1014) е владетел којшто управувал со големото Самоилово царство на територијата на денешните Македонија, Албанија, Србија, северозападна Грција и северна Бугарија, на преминот од 10 кон 11 век. Иако не успеал да ја зачува независноста на неговата земја под налетите на византискиот император Василиј II Македонецот, наречен уште и Бугароубиецот, Самоил успешно се спротиставувал со децении и претставува единствениот водач што го победил Василиј во битка.
Содржина |
[уреди] Потекло и идентитет
Царот Самоил бил син на комесот (кнез) Никола и Рипсимија која била со ерменско потекло. Самоил не тежнеел кон наследување и продолжување на историските и правните традиции на бугарската средновековна држава, туку напротив, се стремел кон вообличување на сопствен идентитет, создавајќи ново политичко тежиште на спротивниот крај на Балканот, каде што биле формирани новите престолнини Преспа и Охрид. Покрај тоа тој основал и посебна автокефална црква со ранг на патријаршија, не со седиште во старите бугарски црковни центри, туку во Преспа, а потоа и во Охрид. Исто така бил и многу талентиран и вешт владетел, војсководец и дипломат. Постигнал големи успеси ви војната против Византијците и успеал да ги прошири териториите на својат држава надвор од границите на Македонија.
[уреди] Освојувања и крунисување
Иако Самоил не бил крунисан како цар сѐ до 997, поради што бугарскиот цар Роман бил уште жив, тој управувал со државата од 976. Познат како успешен генерал, Самоил освојувал нови територии во сите правци. Набрзо, неговото царство било распространето по речиси целиот Балкан, со делови од Грција и Тракија, кои биле се уште под византиска власт. Во 986, Самоил ја истуркал армијата на Василиј II Македонски (од византиската династија на Македонците и наречен со прекарот Бугароубиец) од полето кај Тројанова врата и императорот набрзо се свртел кон исток по нови освојувања.
По оваа победа, Самоил бил крунисан од страна на папата Грегориј V во Рим. Со крунисувањето, Самоил го добил епитетот „бугарски цар“. Ова се објаснува со праксата на римскиот папа да ја идентификува круната со територијата на веќе признаена држава, а во случајот на Самоиловото царство, тоа била Бугарската држава која своевремено потпаднала под византиска власт. Титулата на бугарски цар, како и воопшто, припадноста на Самоил и неговото царство е контроверзна денес и претставува предмет на спор помеѓу македонските и бугарските историчари.
[уреди] Војна со Византија
Во следните 15 години, Самоил и Василиј II се спремале за голем судир. Во 1002, меѓу нив е отворена војна. Во оваа точка, армијата на Василиј II Македонски била добро извежбана во источните битки на Византија, и Самоил бил присилен да се повлече во внатрешноста на своето царство. Самоил се надевал дека со постојани напади ќе го присили Василиј II Македонски да склучи мир и на овој начин 12 години ја чувал независноста на својата држава, а успевал и да го задржи Василиј на растојание од големите градови меѓу кои и престолнината Охрид.
На 29 јули 1014 кај планината Беласица Василиј II успеал да ја изненади Самоиловата војска и да ја присили на битка во отсуство на Самоил. Резултатот бил страшен пораз за Самоиловото царство – ослепени биле 14 000 војници на Самоил од кои секој стоти бил оставен со едно здраво око за да може да ги води останатите. Глетката била премногу и за самиот Самоил кој се обвинувал себе за поразот, заболел и умрел три месеци подоцна, на 6 октомври.
Самоиловото царство останало независно уште 4 години по смртта на својот водач.
[уреди] Видете исто така
- Цар Самуил (опера)
[уреди] Галерија
Венчавката на Мирослава, ќерката на Цар Самоил со ерменецот Ашот. Минијатура од Мадридскиот препис на хрониката на Јован Скилица, 11-12 век |
Островот во Преспанското езеро (наречен Змиски Остров или Голем Град) каде што некогаш Цар Самоил имал тврдина и замок. Фотографирала: Ирена Божовиќ |
Роман | >>> | Самоил, цар на Самоиловото царство (997— 1014) | >>> | Гавраил Радомир |
Шаблон:Бугарски владетели