Разловечко востание
Од Википедија, слободна енциклопедија
Разловечкото востание е востание од 1876 година во Источна Македонија, со центар во селото Разловци.
Под влијание на Херцеговското востание, а под раководство на Димитар Поп-Георгиев Беровски и на неговиот дедо Поп Стојан од село Разловци, бил направен план за востание во областа Пијанец, Малеш, Струмичко, Кочанско, Петричко и Мелничко. Според пишувањето на синот на Поп Стојан, Костадин Стојанов, селаните од Разловци го откупиле десетокот од Турците за да не доаѓаат спахиите во селото и да не разберат за подготовките на востанието.
Оружјето било купено од Виница, Кочани, Солун и Ќустендил, а знамето било извезено од учителката баба Недела и Станислава Караиванова. На знамето пишувало: “Македонија-станете за слобода”. Во месец април 1876 главниот водач на востанието Димитар Беровски стигнал во колибата на Поп Стојан во месноста Калаџерџево, каде што било одржано првото советување и бил направен оперативен план за развиток на востанието. Подготовени за востание биле селаните од Разловци и Истевник од Пијанечко, Лаки во Кочанско (сега Виничко) и Митрашинци во Малешевско.
Димитар Поп-Георгиев Беровски со четата требало да ги обиколи селата во Пијанец, Малешевско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко, со цел востанието да избие едновремено на целиот регион спрема Малешевските планини и Плачковица. Конкретно востанието прво требало да започне во Пијанец и да се ослободи главното место Царево Село (денес Делчево), потоа во Малешево со заеднички сили да се заземе Берово каде имало помалку Турски војници и на крајот заедно да се нападне главниот град во тоа време на двете области, Пехчево, каде што било и седиштето на мудурлакот.
Околу 1 мај Димитар Беровски се вратил од посета на Калаџерџево, а на 7 мај се одржало второто советување на кое биле анализирани резултатите од подготовките и се дискутирало за тоа кога да почне борбата.
Но, додека се одржувало советувањето во селото Разловци ненадејно дошле Турци чиновници со вооржена придружба, уапсиле неколку селани, одредиле две девојки за потурчување и се заканиле дека ќе го запалат селото. Заговорениците помислиле дека планот за востанието е откриен и решиле веднаш да ја започнат борбата. На 8 мај 1876 ги нападнале чиновниците и нивната вооружена придружба и по неколку часовна борба го ослободиле селото. Востанието се проширило и во наредните села: Истевник, Лаки, Митрашинци и др.
Во текот на една недела востанието се разгорело, но со пристигнување на турската војска и башибозукот востанието било крваво задушено. Селаните кои не успеале да побегнат биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението, а некои од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Серес, Солун, Скопје и др.
Разловечката чета на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски успеала да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските Планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.