Наполеон Бонапарта
Од Википедија, слободна енциклопедија
Наполеон (15 август 1769 - 5 мај 1821) е еден од најистакнатите војсководци на сите времиња. Во зенитот на својата кариера тој владеел со речиси цела Европа. Роден е на Корзика, се школувал во воените училишта во Франција, а се воздигнал за време на превирањата по Француската револуција. Во 1795 година, по барање на владата, ги победил контрареволуционерите “со малиот прст”.
По ова извојувал победа над австриската армија во Италија, а кога тргнал кон Виена, од таму молеле за мир. Неговата моќ и популарност во Франција го заплашиле Директориумот (тогашната влада), па затоа во 1798 година го упатиле во Египет каде што требало да ја попречи британската трговија со Индија. Но, оваа акција била осуетена со Нелсоновата победа кај утоката на Нил.
Следната година тој се вратил во Париз и влегол во составот на тричлениот конзулат. Потоа се прогласил за прв конзул во следните десет години, а подоцна ја зел и титулата император. Неговото чувство за дисциплина довело до крај на безредијата. Наполеон создал планови за Банка на Франција, за стабилизација на франкот и за унапредување на даночниот систем, а спровел и владини и судски реформи. Во 1805 година пак завојувал против три од најголемите сили на тоа време: Британија, Австрија и Русија. Успеал да ги победи Австрија и Русија кај Аустерлиц во 1805 година, а потоа и Прусија во 1806 година кај Јена. Ова му овозможило да стане господар на Европа, па затоа се обидел да ја порази и Британија со уништување на нејзината трговија.
Сакајќи да го освои светот, откако ја освоил половина Европа, во 1812 година тргнал во напад на Русија, но доживеал пораз. Во април 1814 година бил принуден да абдицира. Во 1815 година се обидел повторно да дојде до власт и, само по сто дена престој во Париз бил протеран на јужноатлантскиот остров Света Елена, каде што умрел на 5 мај 1821.