Научна фантастика
Од Википедија, слободна енциклопедија
Научната фантастика е форма на шпекулативна фикција која главно обработува теми поврзани со влијанието на замислена или предвидена наука и технологија врз општеството и личностите како поединци. Научната фантастика е уметнички жанр во поширока смисла, и тој се врзува главно за литературни, телевизиски и филмски дела, но исто така влијае и на ликовната и музичката уметност.
Многу луѓе ја користат кратенката за научна фантастика - СФ (SF, од англискиот термин Science fiction). Се користи и кратенката "sci-fi" (кованица на Форест Џ Акерман од 1954) како и НФ (во екс-ју републиките во кои култот кон научната фантастика беше интензивно развиван).
Границите на овој жанр не се добро дефинирани и разделувачките линии меѓу неговите поджанрови (тврдата и меката научна фантастика, сајберпанкот) се често флуидни.
Во Strong Opinions, Владимир Набоков полусериозно тврди дека, ако сме доследно ригорозни со нашите дефиниции, Шекспировата драма Бура може да се нарече научна фантастика. Многу научнофантастични дела содржат елементи на други уметнички жанрови, како криминалистички романи, хорор романи, историски романи и, особено, фантастика.