Плутон (планета-џуџе)
Од Википедија, слободна енциклопедија
Плутон е најоддалечената планета-џуџе од Сонцето официјално означена како Плутон 134340. Откриен е во 1930 година од американскиот астроном Клајд Томбо. На конгресот на астрономите одржан на 24 август 2006, Плутон официјално престана да биде планета и се вбројува во групата на планети-џуџиња. Со оваа одлука Соларниот систем во моментов има само 8 планети. По големината Плутон е помал од седум природни сателити кои орбитираат околу други планети во Сончевиот систем: (Месечината, Јо, Европа, Ганимед, Калисто, Титан и Тритон). Дијаметарот на Плутон е 2274 km. Тој орбитира на просечна оддалеченост од 5.913.520.000 km (39,5 AU) од Сонцето. Времето потребно еднаш да го заобиколи Сонцето (или должината на неговата планетарна годината) изнесува 248,54 земјни години. Тој околу својата оска се завртува за 6,39 земјини денови. Радиусот на Плутон исто така не е познат со сигурност. Вредноста од 1137 km е со грешка од +/-8 km, односно 1%.
[уреди] Харон
Плутон има еден природен сателит, Харон, кој е откриен во 1978 година. Иако заедничката маса на Плутон и Харон е точно одредена (со помош на точни мерења на периодот и рaдиусот на орбитата на Харон) индивидуалните маси на Плутон и Харон тешко е да се пресметаат бидејќи тоа бара да се одредат взаемните движења околу заедничкиот центар на маси кое што е многу тешко да се измери заради малите димензии и оддалеченоста од Земјата. Односот на нивните маси е некаде помеѓу 0,084 и 0,157. Харон орбитира на 19.640 km од Плутон, а дијаметарот му е 1172 km. Неречен е според ликот од старогрчката митологија кој ги пренесувал мртвите преку реката Стикс во подземниот свет. Пред да биде откриен се сметало дека Плутон е многу поголем бидејќи матните слики од Плутон и Харон заедно изгледале како еден голем објект. /
Харон е најголемиот сателит во однос на матичната планета во Сончевиот систем.
Радиусот на Харон не се знае со голема точност. Вредноста од 586 km има грешка од +/- 13 km, повеќе од 2%. Неговата маса и густина исто така не се точно познати.
Плутон и Харон се уникатни и по тоа што не само што Харон ротира синхроно, туку и Плутон. Затоа тие цело време се свртени со иста страна еден кон друг.
Составот на Харон не е познат, но неговата мала густина (околу 2 g/cm3) укажува дека можеби е сличен како сатурновите мразести месечини. Неговата површина веројатно е прекриена со воден мраз. Интересно, тоа е прилично различно од Плутон. Харон нема атмосфера.
[уреди] Температура, состав и атмосфера
Температурата на површината на Плутон варира помеѓу -235 и -210 °С (38 до 63 Келвини). Гледано низ телескоп потоплите региони се оние кои визуелно се забележуваат како потемни.
Составот на Плутон не е познат, но неговата густина (околу 2 g/cm3) укажува дека веројатно е мешавина од 70% карпи и 30% воден мраз, многу налик на Тритон. Светлите региони на површината веројатно се прекриени со мраз од азот со помали количества цврст метан, етан и јаглерод моноксид. Составот на потемните региони на површината на Плутон не е познат, но се претпоставува дека е праисториски органски материјал или фотохемиски реакции поттикнати од космичките зраци.
Атмосферата на Плутон, се состои најмногу од азот со и мала количина на јаглерод диоксид и метан. Таа е екстремно ретка бидејќи притисокот на површината е само неколку микробари, кои не се доволни да ја задржат атмосферата. Атмосферата на Плутон постои како гас само кога Плутон е близу својот перихел, а поголемиот дел од плутоновата година атмосферските гасови се замрзнати на неговата површина. За време на перихелот дел од гасовите го напуштаат, а можеби и влегуваат во интеракција со Харон.