Поречје
Од Википедија, слободна енциклопедија
Поречје (исто така познато и како Поречие или Порече) е етногеографска област во западниот дел на Македонија, вдолж течението и целата долина на реката Треска. Централно место на областа е градчето Македонски Брод.
Содржина |
[уреди] Географија
Областа Порече се наоѓа во западниот дел на Македонија, по долината на реката Треска од двете нејзини страни. На север областа се граничи со Скопската котлина, на исток со областа Азот и поширокиот велешки регион, на југо-исток со Прилепското поле, на југ со Крушевско, на југо-запад со Кичевско и областа Копачка, а на северо-запад се граничи со Полошката котлина односно со Гостиварско и Тетовско. Од сите страни областа е заградена со планини и тоа, на север со Сува Планина (1189 м.), на запад со планините Сува Гора (1857 м.), Челоица (2061 м.) и Песјак (1917 м.), на југ со Бушева Планина (1788 м.) на која се наоѓа превалецот Барбарас кој ги двои Поречието и Прилепското поле, а на исток е оградена со масивот на Мокра Планина (Солунска Глава) односно планините Даутица (2074 м.) и Караџица (2217 м.). Релјефно целата област е котлина, односно ја опфаќа долината на реката Треска. Административно целата област е во составот на Општина Македонски Брод (од 1996 до 2004 година беше поделена помеѓу општините Македонски Брод и Самоков).
[уреди] Население
Областа Поречие од секогаш била населена со чисто македонско христијанско население и слично како и областа Мариово во времето на Османското владеење не било забележано исламизирање, иако во многу блиски области тоа земало големи размери (Пласница и селата во Прилепското Поле). Според пописот од 2002 година, Поречје брои 7141 жител од кои:
- Македонци 6927 (97,00%)
- Турци 181 (2,53%)
- Срби 22 (0,31%)
- Роми 3 (0,04%)
- Бошњаци 1 (0,01%)
- останати 7 (0,10%)
Голем дел на население од Поречието се има иселено во тетовското село Брвеница и околните тетовски села, Тетово, Гостивар (особено населбата Циглана), Кичево, прилепските села во Општина Долнени, Прилеп, Скопје, а по Втората светска војна голем дел од населението на Поречје се има населено во Војводина (Качарево, Јабука, Пландиште) како колонизатори на испразнетите имоти на Германци.
[уреди] Стопанство
Населението на Поречието главно се занимава со земјоделие и сточарство. Од полјоделските култури се одгледува пченката, тутунот и градинарските култури. Низ целата област богатството од најрзановиден вид на шуми ја прави дрвосечата за огрев и мебел една од главните стопански гранки. Најзастапени се листопадните шуми (околу 90%) и тоа костенот, оревот, буката, дабот итн. Индустријата е слабо развиена, главни индустриски објекти во Порчието се фабриката „Сувенир“ (моментално во стечај) од с.Самоков, и тутунската, текстилната и металопреработувачката кои се застапени во Македонски Брод. Со изградбата на хидроелектричната централа и вештачкото езеро Којзак, регионот стана и туристички познат. Пештерата Пешна, многуте спелеолошки богати процепи и пештери, манастирите и природните убавини придонесуваат за туристичката атрактивност на областа. Во помала мера застапено е и ископувањето на камен за градежништвото.
[уреди] Историја
Население и наслеби на просторот на Поречието имало уште од старото камено време, за што се пронајдени остатоци од палеолитски населби кои за жал се потопени со водите на вештачкото езеро Козјак. По доаѓањето на Словените и во средновековниот период Поречието било населено од македонското словенско племе Брсјаци (Берзити), а на просторот на Поречието била основана и првата македонска Склавинија. Во XI век целата област била во составот на самуиловото царство, а по доаѓањето на Турците во првиот период било дел од вазалното владетелство на Кралe Марко. Од овој период сведочат остатоците од тврдина во пештерата Пешна, остатоци од тврдини на повеќе други места и повеќето манастири изградени во средновековниот период. Во средината на XIX век, позната македонска револуционерна дејност во Поречието создал познатиот македонски војвода Димче Латовче од селото Латово, кој се поврзал со една група на напредни револуцинери од Охрид, Крушево, Битола со кои планирале востанички акции во западниот дел на Македонија. Кон крајот на XIX век и во почетокот на XX век, во Поречието била многу силна српската пропаганда. Српската пропаганда била толку силна што Поречието било познато и како „Мала Шумадија“. Но постоеле и неколку села во кои лежиште нашла бугарската пропаганда како на пример селото Локвица (познато и како „Мала Софија“). Во текот на Втората светска војна од Поречието имало огромен број на македонски партизани, а на целото подрачје дејствувала шестата македонска бригада.
[уреди] Етнологија
Етонграфски населението на Поречје спаѓа во брсјачката (берзитска) етногеографска група на Македонскиот народ. Населението на Поречието бележи голема блискост и има многу сличности со населението од Охридско, а највеќе од областа Дебарца, поради што се претпоставува дека дел од населението на Поречје и Дебарца е населено во Македонија од Албанија поради албанските напади. Дијалектот кој се говори во Поречието е чист македонски и е еден од народните говори кои се најблиски до македонскиот литературен јазик (не се забележуваат србизми, турцизми и останати странски зборови). Поречкиот крај е богат и со народно творештво (легенди, преданија, песни, приказни), а дел од него е застапено и во збирката на Марко Цепенков. Како и останатите македонски области и Поречието има своја специфична народна носија.
[уреди] Потекло на името
Името на областа Поречје потекнува од самата место положба односно „по река“, т.е. по течение на река (Треска) со додавката -ие (односно -је) за географска област со што се добило денешното име Поречје.
[уреди] Села во Поречието
Во Поречието влегуваат следниве села: Вир, Горни Манастирец, Долни Манастирец, Долно Крушје, Горно Крушје, Грешнца, Драгов Дол, Девич, Дреново, Латово, Крапа, Модриште, Локвица, Сланско, Слатина, Суводол, Томино Село, Старо Село, Тополница, Требино, Црешнево, Ижиште, Русјаци, Ореовец, Самоков, Ковач, Бенче, Битово, Близанско, Брест, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Зркле, Заград, Здуње, Звечан, Калуѓерец, Ковче, Косово, Лупиште, Могилец, Тажево, Брезница, Требовље, Белица, Рамне, Растеш, Сушица, Инче.