Салвадор Аљенде
Од Википедија, слободна енциклопедија
Салвадор Аљенде (26 јуни 1908 - 11 септември 1973) беше социјалистички претседател на Чиле од 1970 до 1973. По потекло од високата средна класа, Аљенде во 1933 учествува во формирањето на Социјалистичката партија на Чиле. Пред да биде избран за претседател на Чиле, трипати неуспешно се кандидира за таа функција, во 1952, 1958 и 1964. Неговото доаѓање на власт во 1970 година претставува прв случај во историјата на власт да дојде марксист по демократски пат. Аљенде се обиде да го преструктуира чилеанското општество во насока на социјализмот со задржување на демократијата.
Владата на САД уште од почетокот на неговиот мандат гледаше во недоверба на неговите потези и преку ЦИА почна да води тајна кампања за негово соборување. До државен удар дојде на 11 септември 1973, при што беше убиен и Аљенде. Според друга верзија, Аљенде изврши самоубиство во моментот кога стана очигледно дека ќе падне во рацете на пучистите. По државниот удар на чело на воената хунта застана генералот Аугусто Пиноче, кој воведе диктатура во Чиле.