Карл Маркс
Од Википедија, слободна енциклопедија
Карл Маркс (5 мај 1818 - 14 март 1883) е германски философ, политички економист и револуционер. Еден е од најистакнатите претставници на Меѓународното здужение на работниците (попознато како Прва интернационала) и е втемелувач на марксизмот.
Содржина |
[уреди] Учење
Иако делото на Маркс се поврзува со повеќе различни области и теми, тоа е најпознато според сфаќањето на човечката историја како борба меѓу класите, сумирана во познатиот цитат од воведот на Комунистичкиот Манифест: „Историјата на сите досегашни општества е историја на класната борба“.
Маркс своето учење за општеството не го нарекол социологија, туку историски материјализам, сакајќи на тој начин да ги надмине тогашните статички гледања на општеството и идеалистичките објаснувања на општествените настани. Марксовите анализи главно се насочени кон објаснување на општествените промени до кои дошло за време на индустриската револуција. Во таа смисла тој конституира една теорија дека општеството се движи напред врз основа на одредени противречности што постојат во негови рамки. Меѓу тие противречности посебно место заземаат спротивностите меѓу општествените класи. Во секое општество има една доминантна класа: во антиката тоа е робовладетелската класа, во феудализмот сопствениците на земјата - феудалците, а во капитализмот сопствениците на средства за производство, капиталистите.
Маркс посебно ја анализира современата фаза од развитокот на општеството. Според него, најважните промени се поврзани со развитокот на капитализмот кој како систем на производство радикално се разликува од другите претходни системи. Во другите систем доминантно е натуралното производство, а во капитализмот стоковно-паричното, односно се произведуваат стоки и се даваат услуги на широк круг потрошувачи. Тие што се сопственици на капиталот, односно фабрики, земја, финансиски институции и слично, се владејачка класа.
Маркс смета дека борбата меѓу капиталистите и пролетеријатот ќе биде последна фаза од класната борба (која ќе заврши со револуционен пресврт), и тоа општество ќе биде заменето со бескласно општество - комунизам, во кое ќе нема разлики меѓу богатите и сиромашните и ќе дојде до воспоставување едно поправедно општество.
Марксовиот придонес за науката за општеството е огромен, но заедно со неговиот неразделен пријател Фридрих Енгелс оставиле длабоки траги не само во науката туку и во политичката практика во 19 и 20 век. Само до пред нешто повеќе од една деценија скоро половина од човештвото живееше во општества што се сметаа за социјалистички (комунистички), а огромен број социолози се сметаа за марксисти и беа под огромно влијание на овој мислител.
[уреди] Творештво
Позначајни негови дела се:
- „Манифест на Комунистичката партија“ (заедно со Фридрих Енгелс, 1848);
- Осумнаесетти бример на Луј Бонапарта (1852)
- „Кон критиката на политичката економија“ (1859)
- „Капиталот“ (1867)
- „Граѓанската војна во Франција“ (1871)
- „Критика на Готската програма“ (1875) и други.